Advertisements
Актуелно

Пендаровски за „Рекет“: Ова е тежок криминал, не може да се тераат одмори во ек на ваква афера

На денешната прес-конференција која ја одржа претседателот Стево Пендаровски, а чиј центар и на обраќање и на прашања од новинарите беше аферата „Рекет“, македонскиот претседател ги изнесе своите официјални ставови за овој случај кој предизвика вистински политички и правен земјотрес во Македонија.

„Аудио и видео снимките споделувани на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не само како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава“ – рече Пендаровски.

Тој упати остри критики до обвинителите од Обвинителството кои во ваква вонредна ситуација решиле да заминат на одмор.

„Барам од надлежните институции ефективно брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумпција на невиност. Ако има докази, да се покренат обвиненија против сите, без разлика дали се работи за функционери или не“.

Тој повика освен кривично правна одговорност, да има и политичка одговорност за инволвираните, без разлика дали се од власта или опозицијата.

„Никој не смее да биде над законите во оваа држава. Оние кои не го знаат тоа или не го почитуваат, треба да им го остапат на други лица. Како што се борев за СЈО во изминатите четири години, мислам дека ќе продолжи да ја гони високата коруција, поединци не се СЈО“, рече Пендаровски од Вила Водно.

Advertisements
To Top