Пендаровски во Прилеп – повика на масовно гласање во втор круг, го спомна и Груевски


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На трибината со граѓаните која се одржа во центарот на Прилеп, кај Градскиот саат, претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, потенцираше три клучни работи поради кои е важно на 5 мај, денот на одржување на вториот круг претседателски избори, граѓаните масовно да излезат на гласање.

„Со масовно гласање на 5 мај, ние конечно, по 10 години, ќе добиеме вистински претседател на државата“, порача Пендаровски пред присутните.

-Три клучни работи се битни. На 5 мај битно е да излеземе масовно на избори зашто најбитен е овој концепт кој го поддржуваме јас, премиерот и од владејачката структура зашто се води државата во НАТО и во ЕУ. Иако 30 години сите генерации на етникуми кои живеат во земјава сакаа да ја видат земјава во НАТО, и ЕУ, оваа генерација може да го оствари тој сон. Само овој концепт, ако добие ваша поддршка на 5 мај, ја носи Македонија во друштвото на развиени земји. Второ, масовното гласање на 5 мај за бројот 3 значи дека никогаш повеќе во оваа земја нема да се врати режимот на Груевски и на фамилијата, рече Пендаровски.

Многу фамилии, фирми и бизниси, додаде, и од Прилеп, беа запустени.

-Верувам и луѓе кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ не сакаат тие времиња да се вратат. Груески ќе се врати само да отслужи казна затвор. Со масовното гласање на 5 мај, ние конечно, по 10 години, ќе добиеме претседател на државата. Во последните осум години немавме претседател кој ќе ја почитува правната држава и ќе работи за своите граѓани. Затоа, со масовно гласање на 5 мај, сите ќе добијат претседател од кој нема да се срамат, рече Пендаровски пред прилепчани.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев нагласи дека пораката е примена од разочараните граѓани кои не излегоа на гласање во првиот круг. Ќе има метла, потенцира, зашто ова се слободни и демократски избори и состојби во земјава.

-Ова е вистинскиот пат да направиме напори за да ги сфатиме сериозно овие избори. Вториот круг не смееме да го пропуштиме. Разочараните гласачи ни испратија порака. Јасно ги примивме пораките на граѓаните кои останаа дома во првиот круг од изборите. Се ќе коригираме. Ќе има „метла”, зашто ова се слободни избори. На времето немаше ниту „дршка” од таква метла. Народот дава шанса и очекува добар збор, совет од политичарите, рече Заев.

Според него, сите се свесни дека друга алтернатива за земјата нема и ниту има враќање назад во мрачниот режим. Политичките опоненти ниту имаат концепт, ниту нудат став за битните прашања.

-Сите се свесни дека друга алтернатива за нашата земја нема. Не може да излезете пред својот народ да барате поддршка без да нудите иднина, без концепт и без да имате став за битните прашања. Сакаат да ловат гласови на разочараност, но не можат да нудат иднина на државата и на целиот народ, на сите етнички заедници. Затоа, одговорноста е ваша, колку што е наша, истакна Заев.

Нема напредок, додаде, посебно економски без НАТО и без ЕУ. Преговорите со ЕУ се „меден месец” за нас. Само со ЕУ ќе добиеме повисок стандард, а ако имаме повисок стандард, младите нема да ни бегаат од земјата, а правда ќе има само со вистински претседател.

-Со Стево Пендаровски за претседател ќе има правда, а судскиот систем ќе носи одлуки. Одлуките се зашто има докази за ред и поредок во државата. Очекувам и резултати од Антикорупциската комисија и одговор за секој што направил непотизам, подеднакво од сите страни, рече Заев.

Испраќам порака, потенцира, дека наша должност е државата да ја обезбедиме и да не се враќа назад.

-Да излеземе масовно за изборите да бидат успешни, демократски и да бидеме одговорни граѓани. Да излеземе сите во вториот круг за да бидеме одговорни граѓани. Сето друго е враќање кон мрачно минато, кон кавги со сите соседи и со целиот свет, рече Заев нагласувајќи дека сега има економски напредок, буџетот е ливиден, странските инвестиции се 625 милиони евра, расте бруто домашниот производ, а расте и социјалната поддршка на граѓаните.