Пендаровски верува дека политичарите ја примиле упатената порака од големиот број неизлезени гласачи


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Претседателскиот кандидат на владејачката коалиција на чело со СДСМ, Стево Пендаровски, смета дека од вчерашниот прв круг од изборите, граѓаните кои не излегле да гласаат упатиле порака која верува дека политичарите ја примиле.

Како една од причините за вчерашните резултати на контото на владејачката структура, Пендаровски ги наведе неколкуте, како што ги нарече, тешки одлуки донесени од 2016 наваму, како што се договорите со Бугарија и со Грција, Законот за јазици, за кои до ден денес има отпор кај опозициската партија, пренесува Нова ТВ.

-Ние решивме да не носиме само популарни одлуки и претпоставувам кај дел од луѓето тоа имало свое влијание, рече Пендаровски.

Исто така, тој нагласи дека иако ова е кампања за претседателски избори, во неа беа инволвирани и партиските лидери, поради што таа наликуваше на кампања за парламентарни избори. Тој вели дека не може да исклучи дека кога тој, иако ја претставува агендата на идниот претседателот, со самото тоа што е поддржан од владејачката структура, некои ветени, а не реализирани работи на локално ниво се рефлектираат.

-Сето тоа имаше влијание. Нас граѓаните не гледаа низ призмата на тие што не предлагаат, рече Пендаровски, додавајќи дека не е изненаден од резултатот, бидејќи и анкетите што ги правеле изминатиот период покажувале вакви тенденции.

На новинарско прашање дека неговиот вчерашен резултат е речиси ист со оној од 2014 година, Пендаровски рече дека споредбата може да се направи само во однос на начинот на кој се спроведени изборите.

-Сега имавме демократски избори, демократски амбиент и тоа го потврдуваат сите, и домашни и странски монитори и политичките субјекти кои беа инволвирани. Не можеме да ги споредуваме. Во тоа време бевме без пристап до медиуми, администрацијата беше блокирана, рече Пендаровски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали имал средба со албанските политички партии кои застанаа зад неговата кандидатура, Пендаровски рече дека такво нешто нема да има и не верува дека ниту челниците на партиите тоа ќе го направат. Кажа дека е категорично против политичка трговија со гласови, истакнувајќи дека гласачите не се бројка, туку личности. Во тој контекст ја спомена вчерашната изјава на Блерим Река кој рече дека секој од неговите гласачи има право да се изјасни во вториот круг според своето убедување.

-Постои друг начин да се мотивираат гласачите. Во вториот круг влегуваат два дијаметрално спротивни концепти – евоатлантски интегрирана Македонија, со инклузија на сите етнички заедици кои ќе ја чувствуваат ова земја како своја и вториот, анахрон националистички концепт кој не е прифатлив за 19 век, а не за 21 век, ни за Албаници, ни за Македонци и за сите други, рече Пендаровски на прес конференцијата,на која кажа дека очекува убедлива и недвосмислена победа во вториот круг за, како што рече, конечно Македонија да добие претседател на сите граѓани.