Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонскиот и српскиот претседател, Стево Пендаровски и Александар Вучиќ заеднички ја поздравија одлуката на СПЦ за признавање на афтокефалноста на МПЦ. Тие кусо остварија средба во Давос каде учествуваат на Светскиот економски форум. Пендаровски на својот „Фејсбук“ профил објави дека одлуката на Српската црква ќе придонесе за исправање на историските неправди.
„Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, изјави Стево Пендаровски, претседател.
Премиерот Ковачевски од Рим го честиташе признанието на автокефалноста.
„Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме Светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска Архиепископија и како автентичен дел на македонскиот идентитет“, нагласи Димитар Ковачевски, премиер.
И лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски излезе со честитка.
„Голем ден за нашата света Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија. Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештеството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи“, рече Христијан Мицксоки, претседател на ВМРО – ДПМНЕ.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи честиташе до МПЦ и до сите верници по повод одлуката на СПЦ за прифаќање на афтокефалноста на МПЦ-ОА.
– Убава вест за Македонците, за сите православни верници, и за сите граѓани на Северна Македонија
Саборот на Српската православна црква (СПЦ) донесе правилна одлука со која ја прифаќа автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), наведува Османи на својата Фејсбук страница.
Честитки МПЦ и до сите верници кои што долго време ја чека оваа правична одлука, додава Османи.
И бискупот Стојанов упати честитки до г.г. Стефан и до верниците.
„Ваше Блаженство,
По одлуката на Вселенската патријаршија и евхаристиското општење меѓу Македонската и Српската православна црква, кое се случи деновиве во Соборниот храм „Свети Сава“ во Белград и Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, во мое лично име и во име на свештенството, монаштвото и верниот народ на Католичката црква во Македонија ја искажуваме нашата радост за напредокот во единството со останатите Православни цркви и Ви честитаме на досега оствареното.
Примањето на Телото и Крвта Господови во Светата Евхаристија, прави Божјиот народ да биде потесно соединет со Господ Исус Христос и еден со друг, зајакнувајќи ја истовремено меѓусебната љубов и почит, правејќи едно тело и еден Дух.
Доверувајќи го целиот овој процес под заштитата на нашата Владичица, Пресвета Богородица, посакувам Божјиот благослов и Промисла да Ве придружува на овој пат“, стои во честитката од бискупот Стојанов.
Министерот за економија Крешник Бектеши упати честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
Со честитки се огласија и од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.
„Политиките на добрососедство се од голема важност за целиот регион. Само со градење на добрососедство можен е напредок на целиот Балкан.Честитки до МПЦ и сите православни верници кои што долго време ја чекаа оваа одлука“ се вели во честитката на министерот Бектеши.
Денес се случи историски пресврт, тоа што не беше можно со децении, се случи: Српската православна црква ја обнароди одлуката за признавање, одобрување и потврдување на Автокефалност на Македонската православна црква.
Ова е чин со историски димензии и патоказ за тоа како се гради заедништво, респектирање на посебностите и разликите.
Македонската православна црква е вековниот чувар на Македонскиот национален идентитет, на сплотеноста и единството, како и силен поддржувач и градител на Македонија.
Честитки до поглаварот г.г.Стефан, светиот синот и сите верници.
Во овие тешки времиња за Европа и Балканот, автокефалноста на МПЦ нека биде поттик и за мирно разрешување на сите отворени прашања помеѓу балкансите народи.
Ви благодариме на соработката.
„Ќе остане запишано, на 24 мај 2022 година, на Денот на светите браќа Кирил и Методиј, да се признае автокефалноста на нашата МПЦ ОА“, напиша директорката на УЈП и потпретседателка на СДСМ, Сања Лукаревска на својот профил на Фејсбук.
„Сите денеска сме горди и треба да бидеме“, порача таа.
„Демократската Унија за интеграција им честита на сите верници од православна вероисповед во Северна Македонија за признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, по едногласната одлука што денес ја усвоија членовите на Советот на Српската Православна Црква“, соопштија денес од ДУИ.
Во честитката се вели и дека признавањето на автокефалноста е од голема важност не само за нашата земја, туку и за стабилноста на целиот регион, бидејќи стави крај на долгогодишниот спор што создаде многу контроверзии кои ги потресоа темелите на мирот.
„По Охридскиот и Преспанскиот договор, и овој решен спор е пример за мирен протагонизам на двете страни во време кога демонстрацијата на такво нешто е повеќе од потребно. Една по една, со конструктивен и зрел пристап, се надминуваат сите пречки и се отвораат патишта кои гарантираат сигурна и прогресивна иднина на државата“, велат од ДУИ.
„Демократската унија за интеграција смета дека овој пат на помирување и негување на добрососедски односи со ист епилог, нашата земја треба да го продолжи во спорот со соседна Бугарија за деблокирање на интегративните процеси во семејството на Европската Унија“, се додава во честитката.