Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Претседателот Стево Пендаровски го извести претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, дека одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.
Во известувањето меѓудругото се наведува:
Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт.
Текстот на Законот е спротивен на член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот каде што владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот и, генерално, нашиот правен поредок. Имено, фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка е спротивна со член 9, став 1 од Уставот во кој што е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Дополнително, во член 51, став 2 од Уставот е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Убеден сум дека усвоениот Закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи. Стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напоринашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните.
Како претседател на државата се заколнав дека ќе ги почитувам и штитам Уставот и законите. Таа обврска подразбира не само формално почитување и спроведување на Уставот и законите, туку, многу повеќе, промоција на правната култура. Правната култура е одлика на сите цивилизирани заедници, а владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес е принцип на сите демократски држави. Впрочем, владеењето на правото е основниот услов за остварување на стратешката цел на нашата држава за интеграција во Европската Унија, за чиешто остварување работеле и работат сите досегашни претседатели, состави на Собранието и влади. Како убеден демократ и легалист верувам во водењето на политиката во границите на правото и затоа не можам да се согласам од неправото да создаваме право. За жал, усвоениот Закон е пример за такво поведение.
Во таа насока, апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот.