Пендаровски му го додели на Заев мандатот за формирање Влада


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денес на пладне претседателот Стево Пендаровски му го врачи документот за формирање Влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Шефот на државата имаше само кратка протоколарна изјава.

Заев најави дека ќе ги продолжи преговорите со останатите партии за формирање Влада која, како што рече, ќе работи на интеграција во ЕУ, економски развој, борба против криминалот и корупцијата и за судски реформи и за декларирање на стекнатиот имот од страна на политичарите. Заев истакна дека денешната средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети се реализира со цел да се почитува волјата на граѓаните.

Заев не сакаше да коментира дали е подготвен да направи компромис со главното политичко барање на ДУИ, односно добивањето на премиерската позиција. Не сакаше да се произнесе ниту за временската варијанта 3 плус 1, што значи една година земјава да има премиер Албанец. Запрашан дали се надева дека ќе ја води владата 4 години, тој одговори позитивно. Но, претседателот на ДУИ изјави дека добивањето мандат за формирање на Владта од страна на Заев, не ги згаснува надежите за успешни преговори со ДУИ.

„Не сметам дека денеска се заокружува сè. Мислам дека преговорите продолжуваат и се прават напори за да најде заеднички јазик за интересите на државата. Работите не одат во лоша насока, еднаш реков и пак ќе повторам, работите се исто толку блиску, колку што се далеку.“

Заев сега има рок од 20 дена за да обезбеди парламентарно мнозинство кое би ја изгласало новата Влада. Во спротивно, мандатот би го добила ВМРО-ДПМНЕ, како втора партија со најмногу гласови.