Пендаровски даде свечена изјава: Време е да ги залечиме отворените рани!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со давањето на свечената изјава пред Собранието на Македонија, Стево Пендаровски и официјално ја презеде функцијата претседател на државата.

Сакам јавно да кажам и да се обврзам дека ќе бидам претседател на сите граѓани, и на оние кои гласаа за мене, и на оние кои гласаа за моите противкандидати, како и на оние кои не излегоа на гласање. Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата, рече претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање по повод неговата инаугурација во Собранието на Македонија.

-Ќе бидам претседател на сите граѓани. Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг, потенцира Пендаровски.

По повод неговата инаугурација, во Собранието присуствуваат досегашниот претседател Ѓорге Иванов и претходниот шеф на државата Бранко Црвенковски, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, министрите во Владата, началникот на ГШ на АРМ, гувернерката на Народна банка, поглаварите на верските заедници, претставници на судскста власт, на МАНУ, како и гостите, бугарскиот претседател Румен Радев, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот претседател Илир Мета и косовскиот претседател Хашим Тачи, министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, грчкиот министер за надворешни работи Георгиос Катроугалос, заменик министерот за надворешни работи на Полска Мациеј Ланг, турскиот заменик министер за надворешни работи Фарук Кајмакчи и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија Борут Пахор.

Инаугурација се одржува во рамки 96. собраниска седница, а почна со интонирање на македонската химна.

Честитка по повод инаугурацијата на Пендаровски претпладнево упати и премиерот Зоран Заев.