Пекол во Газа – 770 загинати, над 200.000 лица ги напуштија своите домови – Ерусалим претворен во морничав град на духови

Mahmud Hams/AFP via Getty Images
Mahmud Hams/AFP via Getty Images

Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерство за здравство на Палестина соопшти дека од почнувањето на израелските воздушни напади како одговор на нападот на Хамас во Израел, во Појасот Газа досега се убиени 770 луѓе во Појасот Газа. Повредени се 4. 100 луѓе.

Во меѓувреме, Франција ја потврди смртта на уште двајца граѓани во Израел, со што бројот на француски државјани убиени во нападите на Хамас се искачи на четири.

Француските власти нагласија дека немаат информации за 13 француски државјани „чија ситуација се смета за многу загрижувачка, од кои некои најверојатно се киднапирани“.

Хуманитарната канцеларија на Обединетите нации соопшти дека речиси 200.000 луѓе или речиси една десетина од населението ги напуштиле своите домови во Газа од почетокот на непријателствата и се подготвуваат за недостиг на вода и електрична енергија поради блокадата, пренесува „Ројтерс“.

„Раселувањето драматично ескалира во Појасот Газа достигнувајќи повеќе од 187.500 луѓе од саботата. Повеќето се засолнуваат во училиштата“, рече портпаролот на OCHA, Јенс Лаерке, на брифингот во Женева додавајќи дека се очекува дополнително раселување бидејќи борбите продолжуваат.

Портпаролот на Светската здравствена организација изјави дека од викендот биле пријавени 13 напади врз здравствени установи во Појасот Газа и рече дека медицинските материјали складирани таму веќе се потрошени.

Повеќе од 100 тела се пронајдени во кибуцот Беери, едно од првите места во кои што упаднаа милитантите на Хамас кога го почнаа изненадувачкиот напад на Израел во саботата. Оваа самоодржлива комуна со околу 1.000 жители се наоѓа само пет километри од границата со Газа

„Беери е тешко погоден. Милитантите пукаа во жителите и зедоа заложници“, изјави портпаролот на Израелските одбранбени сили, Ричард Хехт.

Меѓу исчезнатите е брачен пар со италијанско-израелско државјанство и италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани кажа дека тие можеби се земени како заложници.

Едно видео од Беери, објавено на канал на Хамас на Телеграм, прикажува вооружени борци со залалени автомобили во позадина, а потоа се гледаат четири тела на земјата. Во друго видео, снимено на истата локација, милитантите водат петмина заложници.

„Тие се движеа наоколу како да го поседуваат местото, пукаа насекаде и киднапираа кого било. Луѓето бегаа од нивните запалени куќи низ прозорци, а таму ги чекаа терористите“, изјави поранешниот локален политичар Хаим Јелин.

Во рамките на кибуцот се пронајдени 107 тела, од кои најголем дел се локални жители.

Нападот на Беери се случи паралелно со упадот на Хамас на транс фестивалот НОВА, каде што се убиени околу 260 луѓе. Во првиот налет на милитантите настрадаа уште неколку погранични кибуци и гратчиња.

Улиците на Ерусалим се морничаво тивки додека смртоносни борби меѓу Израел и палестински терористи беснеат во и околу Појасот Газа, откако Хамас масакрираше стотици Израелци во ненадејна масовна инфилтрација, пишува Тајмс оф Израел.

Училишната недела не започна ниту на истокот, ниту на западот на градот откако рано во саботата се случи нападот на Хамас врз јужен Израел, проследен со ракетен оган што паѓаше врз поголемиот дел од земјата.

Оттогаш, според официјалните податоци, околу 900 луѓе се убиени во Израел и 560 во Појасот Газа.

Во трговскиот центар Фрст стејшн, кој беше преполн со луѓе пред само неколку дена за време на празникот Сукот, на повеќето излози пишува „затворено“.

„Се чувствуваме како да умираме одвнатре“, рече Итамар Тараган, управител на комплексот Фрст стејшн, за кој рече дека повторно ќе се отвори но „не утре и не задутре“.

Некои „ги отвораат своите ресторани само за да готват за војници, пожарникари, такви работи“, изјави тој за АФП.

„Тешко е да се дише“, рече Тараган. „Луѓето гледаат телевизија по цел ден, гледаат… видеа од луѓето кои биле киднапирани, па дури и кога не се ваши деца, во шок сме“.

Туристи сè уште можат да се видат низ градот, но во помал број. Многумина се загрижени дека можеби нема да можат да ја напуштат земјата со авион.

„Ерусалим е навистина град на духови“, вели Меј Бахбах, палестинска жителка на Ерусалим во нејзините 40-ти.

„Луѓето се плашат и се загрижени“, рече таа за АФП, стоејќи до затворена продавница.

Палестинците кои живеат на истокот од градот мора да одат на своите работни места, но се загрижени дека би можеле да бидат заробени од израелските сили поради воената ситуација, додаде таа.