„Пазарот“ на Слави Трифонов: Бара САД да ги укине визите за Бугарија и влез во Шенген зоната, за да го тргне ветото за Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Првиот на движењето „Има таков народ“, водителот и шоумен Слави Трифонов преку Фејсбук статус побара на Бугарија да и се укинат визите за САД и земјата да влезе во Шенген зоната, за да го тргне ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

„Бидејќи Американците толку многу сакаат Северна Македонија да е во Европската Унија, на граѓаните на Бугарија, како и на граѓаните на повеќето земји во Европската Унија, да не им требаат визи за да одат во Америка…“, бара Трифонов, чија партија е дел од новата владејачка коалиција во Бугарија, како и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска. Второто барање на Трифонов е адресирано до ЕУ.

„И второ, повторно, бидејќи сме полноправна членка на Европската Унија, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. По чекање и чекање и ние треба да бидеме Европејци. Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи барам веднаш да нема визи за Америка и за членките на Шенген зоната.”

Исполнувањето на овие два услови од страна на САД и ЕУ, како и исполнувањето на Договорот за добрососедство од македонска страна, според Трифонов, ќе бидат доволни за Бугарија да дозволи Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Трифонов најавува дека на 10 јануари ќе се одржи советодавен состанок на тема Северна Македонија кај претседателот на државата Румен Радев. Тој не кажува директно дали неговата партија официјално ќе го поднесе овој предлог на разгледување, но вели дека „сите ги притискаат да попуштат“ во спорот.

Во постот на социјалната мрежа Трифонов наведува дека „стотици илјади Македонци имаат бугарски пасоши“ и се чуди на омразата кон Бугарите во Македонија.
„Во вашите учебници по историја пишува дека Бугарите се фашисти. Значи, вие самите сте фашисти“, заклучува Трифонов.