Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Павлина Црвенковска е нова претседателка на Судскиот совет. Таа денеска едногласно беше избрана да го наследи Киро Здравев, кому мандатот му заврши вчера.
За избор на претседател потребни се осум гласа, а за Црвенковска „за“ гласаа сите 12 члена на Судскиот совет што беа присутни на седницата. Здравев, кој ѝ го предава претседателското столче, не присуствуваше на седницата бидејќи се наоѓа во изолација.
Мандатот на новата претседателка, според закон, е две години во кои таа очекува дека барем за едно ниво да ја зголеми довербата на граѓаните.
„Ветувам дека нема да ја изневерам довербата што ми ја дадовте денеска, со целиот професионален интегритет ќе ја извршувам функцијата. Јас како претседател ќе го претставувам Судскиот совет, претседателот по функција претседава со седниците, раководи, потпишува одлучи и решенија, а воедно е и претседател на Судскиот буџетски совет. Функцијата ја сфаќам како прва меѓу еднаквите, ние сме колективно тело и одлуките ги носиме со мнозинство на гласови. Мојата улога ќе биде да придонесам што повеќе да се зајакне тимскиот дух за успешно извршување на задачите и предизвиците. Се надевам дека времето ќе покаже дека овој состав на Судскиот совет има знаење да оди напред со тоа што степенот на доверба на граѓаните ќе биде покачен барем за едно ниво“, рече Црвенковска.
Црвенковска е најнов член на Судскиот совет, Собранието ја избра во декември лани. Од 2006 до 2020 таа работеше како судски советник во Скопска апелација. Претходно, беше советничка во кабинетот на Владо Бучковски, додека тој беше премиер во владата на СДСМ и на ДУИ (2004-2006 година), а исто така била и раководителка на одделение во Министерството за одбрана, додека Бучковски беше министер (2002 – 2004 година). Има искуство и како адвокатка и приправничка во Кривичниот суд.
Денешниот избор е прв што се одвива според новиот Закон за Судски совет, кој стапи во сила лани во мај. Според него, Судскиот совет има 15 члена, а претседателот се избира од редот на членовите што се избрани од Собранието. Такви се само 5 члена: тројца од нив ги избира директно Собранието, а другите двајца, исто така, се избираат во парламентот, но по предлог на претседателот на државата.
Покрај Црвенковска, останатите четворица членови што се избрани од Собранието се: Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Селим Адеми и Владе Богданоски.
Ист е и начинот на избор на заменик-претседател, а во случајот тоа е Миљазим Мустафа, чиј мандат ќе истече во октомври.
Другите 8 члена на Судскиот совет од се избираат на избори од редот на судиите.
Другите двајца членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, во случајот судијката Беса Адеми и Бојан Маричиќ, но тие се без право на глас.