Пациент со КОВИД-19 побегнал од модуларна болница во Пробиштип – го пронашле мртов на само неколку метри од болницата


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


75-годишен пациент од Пробиштип, кој бил хоспитализиран во штипската модуларна болница на полноќ избегал, но по еден час на само неколку метри од болницата на улицата „Мирче Ацев” во близина на средното медицинско училиште е пронајден мртов. Според МВР се работи за пациент болен е ковид-19 кој бил на кислородна поддршка.

Случаен минувач пријавил во полиција, поради траги од кочење на автомобил првично се проверувало дали станува за прегазен пешак. Но, подоцна било утврдено дека станува збор за пациентот, кој побегнал од модуларната болница.

Обдукцијата покажува дека нема траги на насилство и според првичните сознанија причина за смртта е белодробната пневмонија.

Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова вели дека на лице место излегле полициски службеници и јавен обвинител. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев го потврдува настанот.

Според него и вработените главниот влез на модулраната болница секогаш е заклучен, но пациентот успеал да излезе преку задниот влез, од каде се носат пациенти. Веднаш е формирана Комисија за квалитет, која треба да го истражи случајот.

„Комисијата откако ќе го истражи случајот, извешатјот ќе го доставам до Дисциплинската комисија, а повеќе детали за случајот јавноста ќе ја информираме во понеделник“, рече Ѓеорѓијев.

Тој посочува дека доколку се утврдат пропусти ќе има и санкции за дежурните кои биле во болницата.

„На 24.04.2021 во 00.35 часот во СВР Штип било пријавено дека на ул.„Мирче Ацев” во Штип бил пронајден починат Д.Н.(75) од Пробиштип. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по преземени мерки било утврдено дека починатиот бил хоспитализиран во Модуларната болница во Штип како ковид-19 позитивен пациент“, информираат од МВР.

Во изминатите 24 часа во штипскиот ковид-центар починаа и 65-годишен пациент од Виница и 75-годишен од Штип. Загрижува и тоа што 61 пациент се на постојана кислородна поддршка.

Пред еден месец пациент на Инфективното одделение посегна по својот живот, фрлајќи се од вториот кат. Пациентот заврши со тешки скршеници.