Партиите се договорија – изборите ќе бидат на 15 јули, средата ќе биде неработен ден


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешната прес-конференција која ја одржа претседателот на СДСМ, Зоран Заев, тој потврди дека се договориле со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изборите да се одржат на 15 јули.

– Денеска разговарав со Мицкоски и тој ми потврди дека е согласен да учествува на избори на 15 јули – рече Заев, кој очекува лидерот на опозицијата да излезе јавно да потврди дека ќе учествува на изборите.

Ќе се гласа во среда, и тоа не до 19 туку до 21 часот. Понеделник и вторник ќе гласаат болните, изнемоштените, позитивните на корона вирусот.

Од претседателот Стево Пендаровски, ќе побара да прогласи дополнителна вонредна состојба за да може да се одржат изборите. Со Мицкоски се договориле заедно да го информираат за договореното. Исто така, се договориле, да ги информираат сите своите членови на ДИК, за да нема застој во организирање на изборите.

– Сите сме крајно свесни дека се наоѓаме во комплициран момент кога треба да носиме важни одлуки. Ни треба активно Собрание, домот на демократијата, домот на народните претставници ни треба да биде функционален. Ни треба активна влада.

Само на тој начин есента ќе ја дочекаме спремни со сите институции за борба со опасниот вирус. Поголема криза од оваа нема да може да издржиме со техничка влада и без парламент. Знам дека на сите им е преку глава и ова мора да го расчистиме.

Ние, јас и СДСМ преземаме мерки за ова да заврши. СДСМ ја покажува својата големина, разбирање и одговорност. За да не страда народот го заклучуваме 15 јули како конечен последен и единствен датум за избори на кој ќе учествува и опозицијата – рече Заев претходно.