
Модниот месец денес завршува со последните ревии на Модната недела во Париз за сезоната есен/зима 2025.
Го пропатувавме модниот свет – од Њујорк преку Лондон и Милано, сè до Париз. Оваа сезона во Париз беше навистина посебна и возбудлива, полна со модни изненадувања и креативни пресврти.
Сите со нетрпение ја очекувавме дебитантската колекција на Сара Бартон за Живанши, како и историското прво појавување на модната куќа Алаја во официјалната програма на Модната недела. Она што го прави Париз уникатен е магичната комбинација на инди брендови како Гани, Оф-Вајт и Вагуера со веќе етаблирани модни гиганти како Шанел, Диор и Миу Миу. Најголемото изненадување го приреди Лакост – со Пелагија Колотуру на чело на креативниот тим, брендот повторно привлече внимание и се врати на радарот на модните познавачи.
Париз оваа сезона зрачи со нешто поинакво – стилот е поревитализиран, провокативен и грандиозен, нудејќи инспирација за нови модни авантури. Иако доминантен тренд е моќното одело со силна нота од осумдесеттите (Стела Макартни во Париз ни го прикажа своето впечатливо видување на оваа естетика), уличната мода е уште поразновидна и похрабра од кога било. Жените низ париските улици покажуваат како традиционалните костими можат да се носат на неочекувани начини, внесувајќи доза смелост и еклектичност.
Меѓу клучните парчиња што ги издвоивме се безвременските кабаници со преголеми кроеви, драматичните волуменозни ракави, впечатливите шарени чорапи што носат веселина во есенските денови, класичниот и софистициран точкаст дезен, како и непогрешливиот тотален тексас изглед. Не можеме да ги изоставиме ниту деталите што трансформираат секоја комбинација – повеќе слоеви ремени што ја дефинираат силуетата, беретки што додаваат француски шик и металик нитни што внесуваат доза рокенрол став.
Сите овие инспирации веќе можеме да ги интегрираме во нашите секојдневни модни комбинации и да ги направиме похрабри, помодерни и повпечатливи. Париз уште еднаш нè потсети зошто е светската модна престолнина – место каде што правилата не се следат, туку храбро се редефинираат!