Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Иако Русија засега, барем официјално статистички (за во реалноста, на терен не знаеме) е релативно поштедена од пандемијата на коронавирусот која го тресе светот. Сепак, богатите руски олигарски ништо не оставаат на случајноста, па преземаат превентивни мерки и си градат лични клиники на своите имоти.
„Таквото однесување може да има сериозни последици за рускиот здравствен систем“, пишува германското списание Штерн.
Владата во Русија се фали дека успешно се справува со кризата, појаснувајќи дека, за разлика од многу други земји, во Русија навреме биле затворени границите со Кина. Но богатите Руси, очигледно, не веруваат дека пандемијата и понатаму ќе ја одминува Русија – и се претпазливи. Како што покажуваат истражувањата на весникот Москва тајмс, олигарсите на своите имоти создаваат вистински лични клиники за да се лекуваат таму во случај да се заразат, пренесува изданието.
Весникот разговарал со повеќе од десетина претставници на руски претпријатија што продаваат апарати за вештачка вентилација на белите дробови. Повеќето од нив рекле дека во последните две недели 30% од вкупниот промет доаѓаат од продажбата на приватни лица. Во овој момент во сите фирми се распродадени сите резерви. „Толку многу повици добивме што веќе не можеме да примаме нарачки“, вели менаџерот за продажба на такви вентилатори Артјом Сивачев од Медико, компанија со седиште во Москва.
„Многу мои пријатели се обидуваат да ги набават“, рекол еден богат соговорник во разговор со Москва тајмс. „Веднаш штом ќе ги има на залиха тие ќе бидат купени.“
Едно од побогатите семејства во Русија, кое сакало да остане анонимно, веќе успеало да го набави апаратот. „Успеавме да набавиме еден апарат и се обидуваме да купиме уште два“, рекол еден од членовите на семејството. Апаратот чини 1,8 милион рубли (околу 21.000 евра), но има „список на чекање од осум месеци“, се пожалил претставникот на руската финансиска елита.
Други руски богаташи одат и подалеку и освен што купуваат вентилатори, вработуваат и лекари за ексклузивно да ги лечат ако се појави потреба.
Соговорникот на Москва тајмс рекол дека и самиот веќе склопил таков договор.
„Еден мој пријател се врати од Франција и сега е во болница“, рекол тој и додал дека државната болница за него би била кошмар. „Не сакам тоа да ми се случи на мене. Мора да си направиме залихи од храна и да останеме во нашите вили надвор од градот“, рекол изворот.
За весникот Комсомолскаја правда голем број лекари рекле дека имаат добиено слични барања во изминативе неколку недели.
Алексеј Кашчеев, неврохирург од Москва, добил понуда да основа вистински медицински центар.
„Некои од моите колеги добија слични понуди. Значи, додека сиромашните трчаат по брашно, богатите работат на опции за свој сопствен спас“, рекол тој.
Ако богатите продолжат да се изолираат во својот луксуз, нивното однесување може да предизвика огромни проблеми за рускиот здравствен систем, посочува Штерн. Во споредба со другите земји, руските болници се релативно добро опремени со вентилатори. Според групацијата Хедвеј, која ги следи владините набавки, на располагање се околу 42 – 43 илјади уреди за вентилација – 29 уреди на 100 илјади жители. За споредба: во Италија има само 8 уреди за вентилација на 100 илјади жители.
Но проблемот во Русија е што околу 25 отсто од апаратите се лоцирани во богатите градски области околу Москва и Санкт Петербург. Според процените на независниот руски веб-сајт Медуза, во регионот Калуга има само пет вентилатори на 100.000 жители.
Владата во Москва сега ветува дека ќе го зголеми буџетот за набавка на медицински помагала. Но дури и ако има пари: во последно време тешко може да се дојде до вентилатор.