„Пантелеон ГС“ на чекор до купување на зградата од Еуростандард Банка за 5,3 милиони евра


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Компанијата „Пантелеон ГС“ е избрана како најдобар понудувач на третото по ред електронско наддавање за продажба на зградата на Еуростандард банка.

Доколку следните денови стечајниот управник и собранието на доверители го потврдат купопродажниот процес зградата на пропаднатата банка ќе ја купи оваа компанија, објави Фактор.

Компанијата со цел да понуди реална цена ангажирала независна интернационална ревизорска куќа РСМ Македонија. Ревизорската процена била направена во декември 2022 година во присуство на претставник од стечајниот управник, а по стандардизирана методологија за евалуација на недвижен имот, соглано законски усвоена методологија, професионално и непристрасно почитувајќи го кодексот на етика.

Објектот вклучува 1.977 м2 канцелариски простор, 1512 м2 под земја наменети за трезор, архива, помошни простории и 20 паркинг места, или вкупна површина од 3.489 квадратни метри. Ревизорската куќа РСМ Македонија го проценила објектот на 5,3 милиони евра, додека износот кој Пантелеон ГС го понуди изнесува 330 милиони денари односно онолку на колку што е проценет.

Поранешниот најголем акционер во пропаднатата банка, Трифун Костовски веднаш излезе со реакција за продажбата на зградата и обвини дека го обезвреднуваат имотот кој беше претходно во негова сопственост.

-Го крчмите мојот имот без око да ви трепне. Предупредувам дека мојата војна против организаторите на овој криминоген чин ќе оди до крај. Зградата на бившата Еуростандард банка по ниту еден параметар не смее да биде подолу од 12 милиони евра.

Предупредувањето го упатувам до Стечајниот управител Саздовски и Одборот на доверители. Немојте да дозволите да процедурално помине криминоген чин во обезвреднување на туѓиот имот за сметка на поединци и групи.

Самиот манипулативен чин за евтино купување на мојот имот е ваш потег да го обезвредните собраниот капитал во стечајната маса и со тоа на јавноста да докажете дека јас и моето семејство сме виновни доколку не се соберат средства за обештетување на правните, физички лица и нас, акционерите, се вели во реакцијата на Костовски.

Според Централниот регистар, „Пантелеон ГС“ е основана во 2020 година како аутсорсинг компанија, која нуди услуги на американскиот пазар. Сопственик на компанијата е Невенка Талевска, додека управител е Владимир Палчевски. Тој претходно има 10-годишно работно искуство во банкарскиот сектор.

Финансиските извештаи на компанијата покажуваат дека во 2020 година остварила приходи од 6 милиони денари, а во следната 2021 година приходите бележат скок на 75 милиони денари.

Во првата година, добивката изнесува 2 милиони денари, додека во втората изнесува 23 милиони денари или во двете години друштвото остварило профит од вкупно 390 илјади евра.

Притоа, за финансиските резултати во 2022 година нема официјална информација, бидејќи се уште тече рокот да доставување на годишни сметки до институциите.