Паниката поради коронавирусот полоша од самиот вирус – се празнат маркетите во Македонија


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Како што тоа секогаш бива, кога ќе се спојат интензивните медиумски (често делумно точно, делумно не баш јасни и дефинирани) пропаганди околу една работа, во комбинација со народната лековерност и неинформираност, тоа најчесто резултира со панични и непресметливи реакции од пошироките народни маси.

Првиот официјален случај на коронавирус во Македонија предизвика навалица во продавниците каде што намирници какви што се брашно и масло се купуваа „на ангро“, а во аптеките брзо ги снема заштитните маски и дезинфекциските средства. На социјалните мрежи, пак, врие од различни коментари и предлози за тоа како треба да се постапува. Несоодветните реакции не стивнуваат, наспроти смирувачките тонови од надлежните институции дека паниката може да биде само контрапродуктивна и поопасна и од самиот вирус, пренесува Слободен печат.

Владата вчера настапи со нова мерка за сите вработени во државните и локалните претпријатија, основните и средните училишта, факултетите, учениците и студентите што во последните две недели допатувале од регионите со каде што е регистриран коронавирусот, односно „ковид 19“. Тие задолжително треба да се јават на телефоните на Центрите за јавно здравје, да не одат на работа, училиште или факултет и да го информираат работодавачот за тоа. Станува збор за патниците што допатувале од областите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт, сите во Италија, како и на оние што дошле од Хонг Конг, Иран, Јапонија, Макау, Филипини, Јужна Кореја, Сингапур и Тајван. Овие граѓани не треба да доаѓаат директно на лекар и да се шетаат по болничките ходници, туку по јавувањето на телефонските броеви, доколку има потреба, медицинска екипа ќе дојде кај нив дома да ги прегледа.

Препораките од Светската здравствена организација се задолжително и често да се мијат рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти, да се користи чистач за раце што содржи алкохол, а кога се кашла или кива, устата и носот да се заштитуваат со марамче. Марамчињата потоа треба да се фрлаат во затворени канти, по кашлањето рацете да се мијат. При грижа за болни лица задолжително да се мијат рацете. Оние што работат на отворени пазари да носат ракавици, маски и мантили.

Првата пациентка од Македонија кај која е констатиран „коронавирусот“ има педесет години и со комби допатувала од Италија за Скопје преку граничниот премин Табановце. Таа не одговорила на прашалникот на граничниот премин и затоа не било постапено на самото место. Министерот за здравство Венко Филипче апелираше граѓаните да одговараат на прашањата за симптомите на граничните премини совесно и да даваат точни и вистински податоци.

„Заболената пациентка е добро, се наоѓа во добра општа состојба на одделот за интензивна нега и изолација на Инфективната клиника. Има лесна форма на болеста, зафатено е само едното белодробно крило и не е потребна механичка вентилација или интензивна терапија“ – информираше министерот за здравство Венко Филипче.

„Сакам да упатам апел до граѓаните дека нема простор за паника. И порано и сега имало епидемии, нема потреба од залихи и снабдувања“ – истакна Филипче.