Пандев: Сакам да ја завршам кариерата со пласман на Македонија на ЕП


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев во интервју за „Газата дело Спорт“ ги откри главните приоритети кои ги има во моментов.

Пандев, кој моментално настапува за тимот на Џенова изјави дека негова желба е да игра уште една сезона и да избори пласман со Македонија на Европското првенство 2020 година.

„Не ми е лесно да влегувам во игра од клупата за резерви и да играм мала минутажа, особено не поради мојата возраст. Би сакал да продолжам да играм уште една година и потоа ќе заминам во пензија. Сакам да ја заокружам кариерата со пласман на Европското првенство со Македонија“, истакна Пандев.

„Самиот ќе знам кога ми е доста од играње фудбал. Во мене уште имам мотивација за победа, секогаш сакам да се надогрувам, иако екипата го нема најголемиот квалитет во Италија“, додаде капитенот на македонската репрезентација.

Пандев цели 17 години е во Италија, а најголемиот успех секако го постигна со Интер, кога во 2010 година ја освои тројната круна.

Неговата авантура на Апенините започна во 2001 година кога се пресели во Интер Потоа продолжи на позајмица во екипите на Специа и Анкона, па следуваше трансфер во Лацио каде ја доживеа фудбалската афирмација со добрите настапи во Серија А.

Во јануари 2010 година се пресели во Интер и стана дел од историската генерација на „нероаѕурите“.