Панчевски во нов скандал – доби кривична пријава од вработени во Кривичен суд


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Се редат скандалите поврзани со претседателот на Основниот суд Скопје 1-Скопје Владимир Панчевски.

Вработени во судот поднеле кривична пријава против Панчевски, бидејќи, како што наведуваат, тој распишал интерен оглас за унапредување на судски службеник и покрај барањето за негово ревидирање и укажување дека огласот не бил во согласност со законот.

Во кривичната пријава се наведува дека на 18 ноември тој ја искористил својата службена положба и овластување, и со пречекорување на границите на своето службено овластување како претседател на Основниот суд Скопје 1 Скопје, со одлука СУ.бр.65/16 од 18.11.2016 година, откако најпрво распишал интерен оглас бр.3/2016 од 04.11.2016 година за избор на судски администратор-категорија А2 од Законот за судска служба, ја избрал Роза Кавазова, вработена во Основниот суд Скоје 1 Скопје на работно место А2 со звање судски администратор, сѐ со цел стекнување на корист за Роза Кавазова, а во исто време на штета на другите кандидати кои се пријавиле на огласот.

Со барање до Панчевски реагирал раководителот на човечки ресурси Горан Стаменковски и барал поништување на огласот, но претседателот веќе на 18-ти ноември ја донел одлуката и ја избрал судската соработничка Роза Кавазова, која досега била службено лице за посредување со информации од јавен карактер во кривичниот суд.

Во образложението дека Панчевски сторил кривично дело се наведува дека тој требало интерниот оглас да го објави јавно.

На истиот повторно ќе можело да се јават само вработените во судот, но тој не смеел да не биде објавен јавно како што тоа е предвидено во членот 9 од Законот за судска служба. На тој начин Панчевски, водејќи се од личното пријателство со Роза Кавазова, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување, со пречекорување на своето службено овластување ја избрал Роза Кавазова за судски администратор сѐ со цел стекнување на корист за Роза Кавазова, но во исто време и наштетувајќи им на другите кандидати кои се пријавиле на огласот, стои во образложението на кривичната пријава.