Home Blog Page 4358

Ново меѓународно признание за фотографија на Божидар Барлакоски

Прилепскиот фотограф Божидар Барлакоски деновиве се закити со бронзен медал на една од најстарите изложби за уметничка фотографија во светот, 122-от меѓународен салон за уметничка фотографија во Торонто.

Помеѓу 600 пријавени фотографи на овој фото конкурс Божидар беше награден со бронзен медал за фотографијата со наслов „Hammer-hand“.

Ова е негова 7-ма меѓународна награда годинава, а исто така е добитник и на златен медал за колекција на фотографии на манифестацијата „Денови на македонската фотографија“ за 2014 година, како и бронзен медал за фротографија на фестивалот на фотографија „Малински“ во Куманово.

04.12hammerhand2
Божидар Барлакоски е активен член на фото-кино клубот „Прилеп“, кој брои 20-тина членови, и кој годинава ја имаше својата прва изложба од меѓународен ранг, организирана пo највисоки стандарди, поради што и доби пет ѕвезди за организација од сите релевантни светски фото асоцијации.

Нова теорија за Мона Лиза

Според новото истражување на италијанскиот историчар Анџело Паратико, мајката на Леонардо да Винчи била кинеска робинка, чиј портрет претставува токму славната уметничка слика Мона Лиза. Но, Паратико не е првата личност која тврди дека славното уметничко дело во суштина е портрет на мајката од да Винчи.

Паратико во последните 20 години кои ги помина во Хонг Конг се занимаваше со истражување на врските помеѓу Италија и Кина, настанати во последните 500 години.

Во својата книга Leonardo da Vinci: A Chinese scholar lost in Renaissance Italy која ќе биде објавена следната година, Анџело тврди дека постои силна врска помеѓу да Винчи и Далечниот Исток.

„Сега сум речиси сигурен дека мајката на Леонардо е родена на Исток. Еден од богатите клиенти на таткото од Леонардо имал робинка која се викала Катерина. После 1452 година и датумот на раѓање на Леонардо, нејзиното име веќе не се споменува во ниту еден документ од тој човек. Едноставно престанала да работи таму“, вели Паратико.

monalisa

Таткото на да Винчи бил судски писар, а досега се веруваше дека неговата мајка се викала Катерина која, според некои известувања, била локална селанка, но Анџело смета дека таа била робинка.

„За време на ренесансата, земји како Италија и Шпанија биле преполни со робови од ориенталните земји“, додава историчарот, кој исто така тврди дека многу аспекти од животот на да Винчи упатуваат на тоа дека бил потомок на жена од Ориентот.

„Бил вегетаријанец, што за тој период било доста невообичаено. Мона Лиза е веројатно портрет на неговата мајка, како што тврдеше и Сигмунд Фројд во 1910 година. Пејзажот од сликата со Мона Лиза изгледа како кинески, па дури и нејзиното лице изгледа такво“, тврди Паратико кој единствено решение на оваа мистерија гледа во ДНК анализа, на која би требало да се подложат посмртните останки на роднината од да Винчи во Фиренца.

Враќање на Баба Планина – есенско уживање на планинските импресии

Планинарска тура Љубојно – Големо Езеро – Љубојно. Фантазмагории од бои, сцени, мотиви и импресии по преспанските падини на Баба Планина. Нам веќе драга и омилена дестинација – премин од Преспа кон пелагонискиот крај преку подпелистерските дразби – средно тешка планинарска тура со фино маркирана траса со релативно редовна и добра маркација. Многу облаци, многу шумски пејзажи, многу врвови, вода, магли, сонца и многу есен…многу есен. Баба – како стара мудрост, мистична и моќна.

ljubojno1

Фино средени патоказни табли, со релативно непрецизни сатници, барем според нас – се движевме со средно опуштено темпо, повеќе попатни паузи за закрепнување и освежување, за мезе и берење плодови, и сето тоа никако не се вклопуваше во бројките од патоказите. Независно, маркациите за мерак и за поздрав.

ljubojno2

Висовите на Баба мистериозно затворени, без најава што ни приредуваат како гостопримство.

ljubojno3

Атмосфера на готика по и над падините – облаците и планината го играат танцот на дивоста.

ljubojno4

Колоритна симфонија на есента – палетата на природата нуди најфини бои.

ljubojno5

Епските сцени секогаш омилени – екипата во планинарски аџилак по Баба.

ljubojno6

Како по принципот на превезот на Maya – секое разоткривање на видикот зад ниските облаци и маглата нудеше ново искуство на старата вистина – прв визуелен контакт со раскошноста на преспанските води.

ljubojno7

Дрочната штедрост на природата – кој знае да ја ужива и користи, облагороден е.

ljubojno8

Жестока динамика и интензитет на воздушни струења и облачни импресии.

ljubojno9

За нагоре да влеземе во магловито-дождлив бран кој царуваше на повискоите делови.

ljubojno10

Услови кои ќе не следат до целната одредница.

ljubojno11

А таму, горе, на преминот, чудесии од дразби – симбиоза на врвови, облаци и многу есен…Најназад секогаш импресивниот Муза, пред него строгиот Голема Грива.

ljubojno12

И мистичното изникнување на домот Големо Езеро, од средето на маглите – апансас се материјализираше пред нас…2.218 надморски метри кои внесуваат спој од див и нескротим немир и спокој, истовремено, во најсредето.

ljubojno13

Сцена и глетка кои те тераат на онтолошки Молк. Неопислива убавина,

ljubojno14

Екипно со мистичните води на Големото…

ljubojno15

Облагородувачки поглед кон Пелагонија над која се разложуваат дебелите облаци – десно благата Мала Грива.

ljubojno16

Заминуваме назад…со Муза, Грива и мистиката кои ги полнат зениците.

ljubojno17

А од стамените врвови на Баба се шират убавини и моќни дразби на сите страни – Преспа како најубава импресија.

ljubojno18

Раскошна убост со есенска одежда…

ljubojno19

Кон осматрачницата со импресивен поглед кон преспанските падини на Баба Планина.

ljubojno20

И збогување со сонцето за тој ден, прекрасна тура, прекрасни глетки, прекрасно искуство.

Фото и текст: Александар Војнески

Галичица – царштина меѓу двете големи Води

Ако некогаш решите да го направите и вие вашето ходочастие и поклонение на прекрасната и масивна Галичица, која својата царштина ја распослала меѓу двете езерски гордости на Македонија – Охридското и Преспанското езеро, наш предлог, како што тоа го направивме ние на нашиот аџилак по овие падини, е тоа да биде од превојот Галичица, кој ги поврзува охридската и преспанската страна.

1

Кинисот е од кај оваа инфо-табла…времето на почетоната точка ни се погоди ветровито, но сончево и пријатно. Сепак, тоа беше своевидна најава за „журката од ветер“ која не очекуваше горе, а за која не ни претпоставуваме дека ќе биде толку интензивна и жестока.

2Нагоре, низ шумата и буковиот појас – иницијацијата во планината е секогаш ново искуство…планинскиот пречек е перманентна непостојаност, секогаш ново изненадување.

3

После напуштањето на шумскиот предел и неговите пријатни патеки, се упатуваме кон отворените и пространи широчини на падините од Галичица.

4Галичица – дива, отворена, горда и торжествена

5

А оттаму и „поглед од милион долари“ – Охридско езеро, раскошна синевина која возбудено трепери под закрилата на Галичица и Јабланица од другата страна.

6Царштина вгордеана меѓу двете Води – онтолошка љубов меѓу Охридско, Гала и Преспанско…чудесија

7Моќта на камениот извис и карпестиот восторг

8

Облачниот танц дополнително го зачини и збогати неопишливиот панорамски опул на охридските води од оваа висина – сцени кои не ги збира сите одеднаш во зениците.

9

А горе не пречека и замрзнатата слана, доказ дека правилата на природата ги пишува самата таа и ние сме само играчки кои не можеме ништо друго освен да ги почитуваме и да се водиме според нив…барем кога сме на „нејзин терен“.

10

По пешачење и искачување од околу 1 час и 40-тина минути, со паузи за мерачење, и со квалитетна борба со силниот ветер кој како што накачувавме нагоре сè повеќе засилуваше – визуелен контакт со врвот Магаро (2.255 метри надморска висина), највисоката точка на македонската страна од Галичица.

11Едната половина од екипата на Магаро

12Ветрот не ни дозволи долго да уживаме на врвот, па брзо заинуваме надолу – Галичица импресивна

13Глетка која ниту преку фотографија не може доволно да се долови, а камоли да се опише – ова се доживува таму, непосредно и „во живо“

14Пристигнување на појдовната точка – превојот Галичица

15

А охридската синевина дразни и предизвикува. Задоволни од авантурата и планинарењето, решаваме малку да се дружиме и со езерските води. После студените искуства со ладниот ветер, есенските води на езерото претпоставуваме дека ќе ни се чинат доволно топли за да уживаме и во раноесенското пливање во езерската бистрина. Долу Трпејца удобно скрасена над езерото.

16Раскошен поглед кон охридската страна на езерото од видиковецот на Коритски рид (1.421 м.н.в.) – панорама која ги полни очите

17Мал одмор на месноста Корита – вода која го закрепнува телото и освежува духот

18Па спуст и правец во Трпејца

19И оттука кон Чоколско и дивите плажи – интимен рај на охридските брегови

20Уживајќи во попатните езерски дразби со тиркизна боја

21И убави глетки кон Трпејца и околината

22За да стигнеме до дивиот рај под карпестите тераси на Чоколско – плажа со бистри води кои предизвикуваат со својата јарки бои

23Допирот со слатките охридски води – секогаш нова радост, нова импресија, ново искуство и уживање

24

После разладувањето во езерското синило кое чудесно ги прекршуваше и рефлектираше топлите зраци на есенското сонце, пливање во брановите и уживање во езерската гласна тишина која ги облагородува зафрлените делови на брегот, доаѓа ред да се заврши авантурата на и под Галичица. Тура и искуство срдечно препорачани, за сите оние кои обожаваат да уживаат во природните убавини кои ни се на дофат.

Текст и фотографии: Александар Војнески

Манастир Свети Илија, Дрен-Смолани – земски Едем на спокојот

Првото искуство и импресии од манастирската чудесија посветена на Свети Илија, над село Дрен, – мал Едем на околу 30 км од Прилеп – ќе ве воодушеви, восхити и остави без зборови со својот спој на неприкосновена природна убавина и човечка креативност, посветеност и трудољубивост. И што е најубаво – нема мрежа на мобилен, па сте целосно раат опуштени без некој да ве замара „од цивилизација“.

svetiilija1Обден – раѓање на сонцето среде малиот рај

До оваа земска оаза на спокојот изразена преку човечката посветеност и креативност се доаѓа најпрвин со скршнување од магистралниот пат Прилеп-Велес, за кон селото Радобил, па потоа, по прашлив шумски пат што води  низ дивите предели од подножјето на Дрен Планина, минувајќи низ селата Царевиќ, Смолани, па до селото Дрен, низ рекички и низ дабова шума.

svetiilija2Манастирски комплекс уреден со мерак – мерак и милина

Преку тоа прашливо патешествие, кое претставува еден вид на иницијација кон она каде сте устремени, се стигнува до храм со манастирска тишина и целиот закитен со цвеќиња и други растенија. Станува збор за манастирската црква „Св. пророк Илија“, која се наоѓа на 30-тина километри од Прилеп.

svetiilija3Дренската иљач-вода, мелем за телото и душата – само од неа да пиеш и ќе се најадеш, друга храна не ти треба

svetiilija4Влезната порта на манастирот Свети Илија (однатре) и импресивното дворско уредување кое воодушевува

svetiilija5Новата манастирска кујна, од сите страни „сардисана“ од прекрасните цветни чувари – декоративни цвеќиња кои ги полнат очите со шаренило и разнобојна убавина

svetiilija6Дел од конаците на Свети Илија – доказ за човечката посветеност, трудољубивост, креативност и љубов кон местото

svetiilija7Црквата посветена на Свети Илија

svetiilija8Главните и неодминливи манастирски домаќини

svetiilija9Тревникот со овоштарникот од манастирскиот комплекс – како што вели и Миладинов во својата „Т’га за југ“: „Овде дарбите природна сила со с’та раскош ги растурила“

svetiilija10Каде што има вода, има и живот – не за џабе е речена оваа докажана народна мудрост: Парче од едемското уредување на комплексот, крај чешмата со изобилна вода

Коментар: Тито бил диктатор по дефиниција!

Скоро сите диктатори биле популарни и сакани од народот во дел од своето владеење. Поголемиот дел од нив биле и прифатени од „меѓународната заедница“. Некои од нив имале среќа да си заминат од овој свет со природна смрт, а некои завршиле трагично.

Заедничко за сите нив е дека владееле тоталитарно, го сузбивале секој обид за опозициско дејствување, забранувајќи било какво различно мислење/делување од нивното со тоа што единствена легална партија била нивната, а повеќето не дошле на власт после легални избори. Граделе култ на личноста и биле прилично сурови кон неистомислениците.

25.08diktatori4
Во времето на СФРЈ во Македонија се забележани 32.000 политички затвореници кои се осудени (огромен дел во монтирани случаи) заради тоа што мислеле/дејствувале спротивно од политиката на власт. Над 1000 завршиле на Голи Оток, класичен логор на смртта во Југославија, меѓу кои Панко Брашнаров, Петре Пирузе, Кирил Македонски, Владимир Полежиноски, Венко Марковски и тн.

25.08diktatori2
25.08diktatori3
Титовите пионери и младината на Хитлер – и двајцата биле ’омилени’ кај децата и кај народот

32.000 е прилично поголема бројка од неколкуте случаи за кои се тврди дека се политички осудени во последниве години. Интересен е феноменот – медиумите кои најмногу плукаат по сегашните власти обвинувајќи ги за диктатура го бранат човекот кој по дефиниција бил диктатор – Јосип Броз….

Пишува: Костадин Стојаноски

Прочитајте: Сличности меѓу комунизмот и фашизмот

Коментар: За Сребреница, Катин, Тито… и денешните демонстранти

Сребреница, 11 јули 1995 година.

Раце врзани позади грб, стрелање на жртвата од позади и закопување во масовни гробници. Оваа метода НЕ ја измислил Ратко Младиќ и останатите будали кои денес продаваат јуначки приказни во Хаг. Оваа метода е прв пат применета во Полска, близу селото Катин. Единиците на НКВД (подоцна КГБ) тогаш за прв пат го промовираат овој моетод кој овозможува за кратко време да бидат елеминирани голем број на луѓе, кои според нивните стандардни, едноставно не требале да постојат. Според полковникот Сопроненко, еден од организаторите на масакрот кај Катин, ова било најбрз начин на ПРОЧИСТУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВОТО.

Неколку години подоцна, бившиот агент на НКВД Јосип Броз, организира масовни стрелања во истиот стил. Јазовка, Лисичин Поток, Пасје Гробље, Колубара, Туро Поље, итн, итн. Еден од најголемите титови џелати, Александар Ранковиќ-Лека, како шеф на тајната полиција во периодот 1945-1951 има извршено околу 3,8 милиони апсења, од кои секој трет бил малолетен. Огромен дел од овие луѓе не биле воопшто судски процесуирани, туку биле затворани, ослободувани, или пак ликвидирани со директен налог од единствената партија. Објаснувајки ги своите постапки, Ранковиќ ја користи истата терминологија, дека на таков начин се ПРОЧИСТУВА ОПШТЕСТВОТО од нелојаните граѓани.

По распадот на брозовото царство, југословенските кадри облекоа националистички дресови и почнаа да ги ПРОЧИСТУВААТ новите општества на ист начин како што ги учел менторот од поранешно НКВД. Со врзани раце позади грб, стрелање без судење, и закопување во масовни гробници. Системот можеби се распаднал, меѓутоа колективистичката логика дека за доброто на општеството некои луѓе треба да исчезнат, е жива и денес. Жива е и методологијата на владеење, според која државата се задолжува обезбедувајки им работа на лојалните партиски кадри. Од Вардар, па се до Тргилав постојат Влади кои се длабоко компромитирани од страна на тајните служби, каде сеуште владеат кадрите на поранешна УДБА.

Југословенското проклетство сеуште се чувствува на секој чекор. Додека не биде уништено неговото семе, Балканот ќе биде обвиен во криминална темница каде ќе егзистираат единствено поранешните брозови кадри и нивните транзициони копилиња.

Поздрав до денешните демонстранти кои покажуваат нескриени амбиции за создавање на ЧИСТО ОПШТЕСТВО. Сребреница е тажен доказ кој покажува кон што водат таквите идеи.

Пишува: Виктор Трифуновски

Колумна: Храната да биде бесплатна за сите?

Зарем не звучи убаво: „Сиромашните најадени, богатите-незбогатени“?

Деновиве се актуелни предлозите за промена на Уставот на Република Македонија, па што мислите за идејата во Уставот да биде запишано: „Храната е бесплатна“?

Одлично звучи, нели? Стануваш наутро, одиш во градската, општинската или селската државна кујна и откако ќе го докажеш државјанството со лична карта или пасош, добрите тетки и чичовци ти даваат бесплатна храна. Три пати на ден. Пијалоци самите ќе си носите бидејќи не се храна.

Нашето оправдување (поточно: изговор) за ние да јадеме без директно да платиме, но и за да си ја угаснеме љубомората кон богатите, ќе биде: Сиромашните да можат да јадат, а богаташите да не можат да се богатат поради потребата на сиромашните за јадење.

Но, тоа што им љубомориме на „богаташите“ и што сакаме да јадеме бесплатно има своја цена, неспоредливо повисока од тековната цена на храната која не сакаме да ја платиме.

Продажбата на храна ќе биде забранета

Нормално, бидејќи никој не треба да се богати врз гладта на сиромашните, така? Кога во Уставот би стоело: „Храната е бесплатна“, тоа по автоматизам ќе значи: „Продавањето храна е забрането“.

Проблемот настанува кога било кој ќе посака да продава храна, а не само богаташите. Полицијата и судовите ќе ги гонат и казнуваат сите кои ја продаваат. Тоа значи дека ќе бидат затворени сите приватни бурекџилници, сендвичари, ресторани, како и сите приватни производители на жито, градинарски производи и стока, како и пекарите и млиновите кои продаваат храна. Во продавниците ќе нема храна. Сите, не само оние на малкумината богаташи.

Доколку некој посее пченица, пченка, компир, патлиџани, пипер, нема да смее да ги продава бидејќи ќе биде казнет, но ќе може да ги употребува за јадење или да ги поклонува. Ќе почекаме Уставниот суд да одлучи дали и овошјето ќе го смета за храна.

Храната ќе ја организираат, произведуваат и дистрибуираат државните работници и политичарите

Во ова можно сценарио од иднината, сѐ што Уставот кажува дека е бесплатно ќе биде спроведувано од политичарите, државната администрација и државните работници. Тие ќе одредуваат каква и колку храна ќе јаде населението секој ден. Тие ќе се „грижат“ за организацијата, производството, неговото „унапредување“ и за дистрибуцијата.

Поголема невработеност, недостаток на храна и помала достапност, низок квалитет, засилување на партизацијата

Ќе мора да бидат затворени сите приватни бизниси со храна, што ќе предизвика десетици илјади нови невработени. Дел од нив ќе бидат вработени во новите државни фирми за храна, но централизацијата нема да има потреба од десетици за производство, дистрибуција и продажба на храна во секој град, туку само по неколку. Затоа ќе се намали бројот на вработени. Автоматски, ќе биде намалена достапноста на храната бидејќи ќе има помалку места на кои се продава.
Вработувањето во државна фирма значи политичка пасивизација на вработените. Затоа можеме да очекуваме засилување и „осоколување“ на моменталните политичари, т.е. сериозно засилување на нивната моќ да крадат, да се однесуваат арогантно и да ги повредуваат луѓето кои тие — поради било која нивна лична причина — мислат дека треба да бидат повредени.

Неизбежна последица на бирократското уредување на производството и дистрибуцијата на храната ќе бидат честите недостатоци на храна, таа ќе биде со лош квалитет, а со секој поминат ден ќе очекуваме уште полоша ситуација. На крајот од 1980-те години во Југославија со часови се чекаше ред за купување млеко (и никому не даваа повеќе од два литри). Леб се купуваше само до пладне, а доколку сте заборавиле ќе моравте да ги прошетате сите продавнички во градот за да најдете еден кој случајно останал некупен.

Храната ќе си ја платиме, само на друг начин

Храната ќе биде произведувана, дистрибуирана, продавана, а целиот процес ќе биде организиран од луѓе кои ќе мораат да бидат платени. Тие ќе бидат државни работници, наместо приватни. Парите ќе ни ги соберат преку зголемувања на давачките кон државата и воведување нови давачки.

На крајот, храната ќе си ја платиме. Ќе си го платиме и нејзиниот намален квалитет, тоа што ќе има недостатоци на храна, тоа што ќе биде подалеку од домот, тоа што ќе очекуваме со секој нов ден ситуацијата да се влоши, а ќе си ги платиме и зголемувањето на корупцијата, зајакнувањето на самоволието на политичарите и — општо земено — скапувањето на целата држава.

Пример: Приватните стоматолози и лекари

Пред 10-15 г. скоро и да немаше приватни стоматолози и лекарски ординации. Сите беа државни, во државните амбуланти и болници. Денеска ги има и тоа во некои градови како Гевгелија и битола, повеќе десетици. Тие ја зголемуваат вработеноста и достапноста на услугите до граѓаните. Поради зголемената конкуренција и лесното ширење на (лошите) гласини, приватните стоматолози и лекари се приморани да даваат сѐ поквалитетна услуга, но и за помала цена.

Ова се позитивните ефекти на приватниот бизнис. Кога беа забранети имавме поголема невработеност, поголема сиромаштија, помала достапност и послаб квалитет на стоматолошките и лекарските услуги. Е-сега, некои од стоматолозите и лекарите се богати, ама тоа ќе мораме да го прифатиме, за наше добро… доколку пакоста и љубомората кон другите не се посилни од нашето сопствено здравје, секако.

Треба да прифатиме и дека за најсиромашните веќе има државни програми и невладини организации кои им ја донираат потребната храна. Секако, сите треба уште повеќе да работиме повеќе на нашата лична помош за 5% најсиромашните и да престанеме да бараме од незаинтересираните државни бирократи да ја завршат таа работа наместо нас.

Доколку навистина сакаме сиромашните да бидат побогати, да имаат поевтина, полесно достапна и поквалитетна храна, треба да се залагаме за што поголема слобода на приватната сопственост заедно со добар, ефикасен правен систем пред кого сите ќе бидеме еднакви (големите фирми да немаат никакви привилегии повеќе од малите).

Позитивен пример од Балканот: Србија ќе приватизира 584 државни претпријатија до 2016 година.

Денеска нашиот Устав забранува приватни основни училишта

Нашиот Устав забранува приватни основни училишта со членовите 44 и 45:
Член 44
Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.
Член 45
Граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Да бараме бришење на забраната за приватни основни училишта!

Главно поради овие забрани немаме голем број приватни основни училишта. Во Скопје постојат неколку, но тие се обично концентрирани врз странци и задоволуваат некаква законска регулатива (експериментални паралелки) која на крајот на краиштата е неуставна:

Основното образование според Уставот е бесплатно, но врз основа на пилот-проекти може да има и приватни училишта во кои се плаќа за секоја учебна година. – Статија во весникот Нова Македонија.

За да можат да бидат отворени приватни основни училишта кои не се пилот-проекти, туку се дел од редовниот наставен план, потребно е отстранување на уставната забрана. Со тоа и неколкуте постоечки пилотни основни училишта ќе бидат уставни, а не како сега, да продолжат да шират енергија на дека живеењето од криминал (неуставност) е прифатливо.
Новите приватни основни училишта ќе вработат учители, ќе ја подобрат достапноста на училиштата до граѓаните, а ќе создадат притисок за поквалитетна настава и во државните. Ова ќе биде првиот чекор кон можната идна ваучеризација на образованието која уште повеќе ќе ги зголеми достапноста, квалитетот и економијата, за 50% помала цена отколку редовното државно образование, ја подобрува комуникацијата меѓу родителите и училиштето, но и ја зголемува веројатноста за запишување на факултет.

Редовните приватни основни училишта во Македонија нема да бидат прв случај во светот; во Америка има илјадници приватни основни училишта. Јасно е дека Америка е далеку, дури 7.500 km ама да се надеваме дека тоа нема да биде битен фактор за бришење на забраната за приватни основни училишта во Македонија.

Пишува: Горан Н. Арсов (ЗАЗУ)

Колумна: Знаењето не е моќ, туку интелектуален алат кој прво мора да обезбеди егзистенција

Човековиот разум е основното средство на човековата егзистенција, тој е главната разлика која човекот го одвојува од останатиот жив свет. Човекот нема канџи, ниту големи заби за да лови плен, ниту има рогови за да се брани, ниту крзно кое ќе го штити од надворешни влијанија. Човекот се раѓа гол, и единствениот инструмент кој му стои на располагање е здравиот разум. Целокупното човеково постоење е строго зависно од неговото рационално и разумно однесување. Се што човекот работи во корист на сопствената егзистенција најнапред мора да биде испланирано од неговиот разум, па дури потоа создадено од неговиот труд.

За разлика од останатиот жив свет кој го водат инстинкти и рефлекси, човековиот разум го водат вештините и инфорамциите кои човекот некако мора ди ги стекне. Количеството на совладани вештини и информации го сочинуваат знаењето кое понатаму го води разумот кон креирањето на човековата егзистенција. Тоа е основната методологија која најнапред го одржала човековиот живот, па понатаму ја создала и целокупната негова цивилизација.

Значи човекот мора да се однесува разумно, и мора да поседува одредено знаење за најнапред физички да опстане, а понатаму и да живее како човек.

Кога превзема одредени дејствија, согласно сопствениот разум и знаење, и согласно егзистенцијата како главна цел, човекот мора да направи одредена селекција на таквите дејствијата. Таквата селекција го одредува моралниот код кој го следи секоја индивидуа. Се што човекот прави мора истовремено да има и некакво морално оправдување. Во принцип постојат два типа на морал: алтруистички, и морал на личниот интерес. Согласно ваквите морални принципи луѓето создаваат и општествени системи каде соодветниот морал е поддржан со адекватни закони.

Моралот на личниот интерес е карактеристичен единствено за капиталистичкиот општествен систем. Личниот интерес е морал кој ја следи човековата природа, според која разумот со своето знаење е основниот креатор на човековата егзистенција. Ваквиот морал луѓето ги третира како слободни поединци, кои доброволно соработуваат низ меѓусебната размена. Таквата размена е иницирана од личниот интерес, но во корист на останатите кои тоа се спремни да го платат. Само доколку човекот успешно им служи на останатите луѓе, може да очекува егзистенција и квалитетен животен стандард. Да се биде богат, значи да се поседува знаење кое успешно им служи на што повеќе луѓе со што се задоволува и сопствениот, личниот интерес.

Алтруистичкиот морал е карактеристичен за сите останати општества, освен за капитализмот. Алтруизмот е морал според кој секој поединец е во сопственост на колективот, и сите негови дејствија треба да бидат во согласност со потребите на колективот, а не согласно неговиот личен интерес. Овде егзистенција НЕ е зависна од служењето на другите поединци, туку од наградите на Лидерот кој го води колективот. Лидерот кој го распределува богатството одземено од сите, ги наградува поединците врз основа на нивната лојалност кон колективот, односно кон неговата политика. Да се биде богат и успешен во алтруистичко општество, значи да се биде близок, понизен и послушен кон лидерот… но и да се елеминираат сите потенцијални конкуренти кои имаат слични амбиции. Знаењето во алтруистичките општества е одредено на арбитрарен начин од страна на државните (политичките) институции.

Знаењето кое е стекнато и вреднувано според алтруистички принципи, човековата егзистенција ја обезбедува (со чесни исклучоци) на паразитски начин, користејки ги колективните фондови кои ги полнат политичките лидери. Во такви услови, знаењето служи како алатка во корист на политичките елити и нивните институции. Постојаното зголемување на државниот буџет, како и се поголемиот број на државни институции, е директна последица на алтруистичкиот морал кој овде неприкосновено доминира.

Уништувањето на личните амбиции на младите луѓе, одсуството на критичкото размислување, се поголемите казни и блокади на приватниот сектор, субвенциите, социјалната помош, државната потрошувачка во се повеќе општествени сфери, државното регулирање на бизнисот и капиталните текови, етничкиот колективизам… се е тоа триумф на алтруистичкиот морал кој овде е негуван со векови наназад. Знаењето денес е во служба на ваквите канибалистички принципи, врз кои почиваат нашите закони, регулативи, па и обичаи.

Доколку нашата интелектуална елита искрено сака да го демонтира ваквиот вредносен систем, за кој сите знаеме дека е дефектен… ќе мора да прво да го промени својот однос кон знаењето. Мора да исчезне академската ароганција кон неакадемската популација, особено кон бизнис заедницата која е независна од државните тендери и субвенции. Доколку некој не зборува на литературен македонски јазик, доколку не употребува академска терминиологија, и особено доколку не поседува одредено образование, неможе да биде исклучен или дисквалификуван во расправите на општествени теми.

Ако знаењето е водилка на здравиот разум, ако знаењето представува збир на стекнати вештини и информации кои ја создаваат човековата егзистенција, тогаш илузорна е помислата дека знаењето е титула добиена од одредена институција. Ако е ова јасно, тогаш не би требало да има проблем со следниот чекор, а тоа е комплетна интелектуална и академска елеминација на алтруистичкиот морал, и неговото исфрлување од сите возможни општествени науки. Капиталистичката општествена мисла е човековиот цивилизациски, етички и морален врв… и единствено таа заслужува етаблирање во образовниот и воспитниот процес.

Тое е единствениот начин да се ослободиме од сите возможни суети и политички полтрони кои издаваат: дипломи, нострификации, дозволи, одобренија, лиценци, и сл. Во услови на слободен пазар каде владее знаењето во корист на личниот интерес, способните се збогатуваат, неспособните пропаѓаат. Во неслободни општества каде владеат алтруистичките морални вредности, способните се најчесто прогласени за вештерки.

Одговор на колумната „Понижениот ум“ на Венко Андоновски, објавена во ДНЕВНИК на 23.06.2014

Пишува: Виктор Трифуновски, претседател на Либертаријански клуб Атлас

Колумна: 1 Мај нека си остане симбол на добрата скара

Први Мај, Чикаго 1886 година, први протестираат луѓето кои себеси се нарекуваат ’анархисти’. Иницирани од делата на Карл Маркс, кој отворено повикува на насилство и физичка деструкција (т.н ’револуција’) демонстрантите го претвораат Чикаго во вистински пекол.

Првичниот исхот од таквото насилие, кое продолжува со месеци, е комплетна преселба на тешката индустрија од Чикаго во соседен Детроит. На крајот во Чикаго се јавува огромна маса на невработени, и организиран криминал кој својата кулуминација ја доживува 3-4 децении подоцна.

Премолчената амнестија кон на ваквите факти од Први Мај навистина создаде празник, додека комплетната деструкција врз чикашката индустрија е прогласена за позитивен настан. Ваквото изобличување на историските факти понатаму се префрла и врз одредени личности, кои беа извршители на најголемите злосторства исто така иницирани од деструктивните идеи на Карл Маркс.

Ленин, Мао, Че Гевара, Јосип Броз, и тн. ова се личности чии слики се редовно присутни при прославувањето на Први Мај ширум светот. Тоа се луѓе кои извршиле егзекуција врз милиони луѓе без никакво судење, со едноставно објаснување дека таквите луѓе се припадници на класа која не треба да постои. Слично како и објаснувањето на Хитлер за Евреите.

Позитивното вреднување на настаните од Први Мај најнапред има тоталитарна позадина, и неговото прославување денес е антицивилизациски чин.

Она што социјалистите го нарекуваат „работнички права“ фактички подразбира рушење на пазарната вредност на работната сила и промоција на т.н „теорија на вишок на вредност“ измислена од Карл Маркс. Токму во нејзино име комунизмот направи пустош во земјите во кои владееше.

Во западните земји, синдикалните јуришници имаат голема заслуга за преселбата на инвеститорите од Запад на Исток.

Целокупната текстилна и електронска индустрија на Европа се пресели во Кина. Таму нема штрајкови, како што е тоа редовен случај со Франција, Германија, или во последно време Грција. Кина е денес најјасниот пример кој потврдува дека животниот стандард на луѓето се зголемува со работа, а не со политичко-социјални комбинаторики.

Додека кинескиот политички систем остана комунистички, економскиот беше преуреден во стилот на класичниот капитализам. Затоа западниот капитал се чувствува толку сигурен во Кина, и затоа кинезите го живеат највисокиот животен стандард во својата историја. Се друго е спинување, исто како и фактите за Први Мај.

Што се однесува до Македонија, не би се сложил дека сме го напуштиле социјализмот како економски систем. Македонија се уште е социјална држава дефинирана дури и во самиот устав. Капиталот сеуште ја нема потребната општествена доминација, туку тоа го прави политиката. Социјалната политика се уште е најголемата ставка во државниот буџет, додека пак државата сеуште е најголемиот работодавец.

На ваквите проблеми, надоврзете ги и супер-строгите регулативи. Државата сеуште ја регулира должината на работното време, се уште е задолжително плаќањето на социјалното и здравственото осигурување, итн.

Со други зборови, Македонија и понатаму останува неатрактивна за странскиот капитал. Од тие причини имаме огромна невработеност и евтина работна рака, која никогаш нема да поскапи преку штрајкови, протести, демонстрации и сл.

Социјалната политика мора да исчезне од нашето општество, eднаш засекогаш. Само на тој начин Македонија ќе стане атрактивна за странскиот капитал, само на тој начин ќе дојде до поскапување на македонскиот труд, а со самото тоа и до зголемување на животниот стандард.

На Македонија и се потребни про-капиталистички реформи, а не социјални протести.
Први Мај, никогаш повеќе да не му се случи на човештвото!

Но бидејки е сепак неработен ден, искористете го најубаво што можете. Видете се со вашите пријатели, роднини, со луѓето кои нешто ви значат. Имајте убави мигови, пријатна атмосфера и недозволувајте да ве претворат во идеолошко стампедо.

Пишува: Виктор Трифуновски, претседател на Либертаријански клуб Атлас