Home Blog Page 4355

Ана и Игор Дурловски ја воодушевија европската критика

По неодамнешната премиера на операта “Беренике“ од композиторот Јомели во Државна опера во Штутгарт, нашите познати оперски пејачи Ана и Игор Дурловски добија бројни позитивни критики од стручната европска јавност.

Ова беше втора изведба на операта од италијанскиот композитор после нејзината праиведба пред повеќе од два века. Во режија на еден од најдобрите режисерки тандем, Јоси Вилер и Серџо Морабито, операта предизвика голема љубопитноста кај љубителите на оперската уметност.

Подеднаков интерес предизвика и кај критичарите од бројни европски весници, меѓу кои Franfurter Algemeine, Franfurter Rundschau, Fokus, Di Velt, Neue Zurichеr Zeitung и многу други. Меѓу другото, критичарите на нашата оперска двојка напишаа: “Ана Дурловски, толку прецизно фокусирана, чиста како филигран. Кај неа емоцијата се претвора во уметност…“; “…воодушеви Игор Дурловски кој жонглираше со гласот помеѓу алт и бас, пееше со темно исфарбан алт, а кога покажува емоции менуваше во маркантен бас“; “Дурловски и музички и сценски настапува беспрекорно во неговата улога и покажува дека може да пее многу длабоко“; “Дурловски во улогата на Беренике, импресионира со впечатокот дека оваа улога е години пред нејзиното време. Нејзината изведба беше преполна истовремено со болка и јачина која беше изразена преку нејзините коларатури и сите трилери“.

Со нив растевме: „Бушавите букви“ слават 30 години постоење

Бушавите лудории и по точно 30 години како магнет ве терат да седнете пред малите екрани и да ги гледате без да трепнете. Заразната мелодија од најавната шпица, поуките за јазикот, книжевноста, дијалектите, носиите, ја направија „Бушавата азбука“ неповторлив проект. 

И додека дечињата ја учеа азбуката, Ѓорѓи Јолевски и Софија Куновска беа на своите први професионални актерски задачи.

Унковски, кој ја оживеа бушавата банда од сценариото на Горан Стефановски, вели дека никогаш нема да го заборави огромниот ентузијазам со кои се работело.

Актерите кои беа дел од новата естетика и енергија, велат дека оние кои растеле со „Бушавата азбука“ сега се трудат тоа задоволство да им го пренесат и на своите деца.

Бувот, ловџијата,  вљубената ботаничарка, разлутените забите, незаборавната песна на Бода, Влатко и Ана се само дел од целата магија.

Поетскиот космос на Нина Андова Шопова: Промоција на „Поврзи ги точките“

На 9 март (понеделник) во галеријата во Младинскиот културен центар во 20 часот ќе се одржи промоција на поетската збирка „Поврзи ги точките“ од Николина Андова Шопова, во издание на Темплум (2014).

За книгата ќе зборува Владимир Јанковски, а песни ќе читаат Румена Бужаровска и Елена Митреска.

Од Рецензијата на Владимир Јанковски:

Николина Андова Шопова е поетеса која верува дека сето она што се случува околу нас носи во себе одреден полнеж што може да се претвори во поезија. Таа припаѓа на групата уметници според кои уметноста својот материјал може да го пронајде насекаде. Уметноста е и треба да се пронаоѓа во обичните и банални случувања од секојдневието. „Од телото ги исфрлам дреболиите на денот“, се вели во песната „Наопаку“. Преку преработката на тие „дреболии на денот“, Андова Шопова создава поезија речиси во целост составена од „расфрлените остатоци од реалноста“. Тоа е поезија што опсесивно се доближува до препознатливите предмети или слики. Секако, не за да ги умножи или за да ја повтори нивната баналност и обичност. Напротив. Нејзината насоченост кон препознатливото е со цел да го потврди метафизичкиот карактер на тоа секојдневие. Затоа и кога нејзината поезија тематизира дури и слики од колективната меморија, тие слики се тука за преку поезијата да ја трансцедентираат својата баналност. Обично патување со автобус или воз, разгледување на предметите заборавени во џебот на панталоните на љубовникот, фотографии на клупа во парк, детска игра, истуткани хартивчиња во џебот… сите овие елементи за авторката се почеток, влез во поетското. Како да постои некоја пукнатина во појавите околу нас што секогаш може да се искористи за влегување во светот на новото значење.
СТАПКИ

Некои од нас носеа падобрани место ранци на грбот
и само одвреме-навреме ја допираа земјата
Тајните патчиња кои никнуваа зад секој агол
секогаш завршуваа во линијата на дланката
на нашиот мал бог
Молчевме и го слушавме
снегот кој ни држеше предавања
на еден јазик кој одамна го заборавивме
и знаевме дека е тука и во лето
невидлив, како во снежната кугла во која
никогаш нема да заврне
ако не посакаш да ја земеш во дланката
како што ѕвездите паѓаа и дење
иако не се гледаа
Хоризонтот чекореше со нас
и сѐ што ќе допревме го губеше своето име
нарцисот не беше нарцис туку само цвет
тополата не беше топола туку обично дрво
кое се чинеше како секој миг
да чека да го соблече и тоа име
Сѐ повеќе сум сигурна
детството не е зад нас
туку пред нас
чека да ги остави своите стапки
на свежо асфалтираните патишта
ДОМ

Тоа правиме цело време, се пакуваме и распакуваме
од некого, од некаде
Го пакуваме стравот најздола во куферот
заедно со несесерите полни со рекламни шампончиња и лосиони
Апчињата, полначот за мобилниот
ги сместуваме во џебовите и ќошињата
Испегланите кошули ги ставаме одозгора
со нежноста на вдовицата која положува цвеќе
над лицето на својот сакан
Ремените ги оптегнуваме по должината
за да ѝ направиме повеќе простор на празнината
Ги спаруваме расфрланите зборови меѓу нас
небаре чорапи – црниот со црниот, црвениот со црвениот
некој секогаш останува сам

Еднаш слушнав приказна за една птица
што никаде не направила гнездо
и така целиот свет ѝ станал дом
СЕ ЗАТВОРАМ

Има едно ладало
со мапа на светот
што со години се затвора во мене
Копната полека се стеснуваат
вулканите се гаснат
реките запираат, светилниците замрзнуваат
пустините се замотуваат
како теписи полни прав
Еден ден ќе го отворам ладалото
и целиот свет ќе се рашири во мене
заедно со небото и крилјата
на големите птици

Археолозите откопаа гробница од келтски принц – датира од V век пред наша ера

Гробот со непроценливо богатство е откриен во малото место Лаво во близината на градот Троја од страна на археолозите од францускиот национален институт за превентивна археологија (ИНРАП), јавува дописникот на МИА од Париз.

Принцот „спие“ веднаш до својата кола, опкружен со вредни предмети како голем сад за мешање на вино, пехар на кој е претставен Дионис и други вредни предмети кои како да се подготвени за почеток на банкет.

ИНРАП работи на археолошкото наоѓалиште од почетокот на октомври и до крајот на март годинава, кога на ова место ќе продолжат градежните зафати.

Келтската гробница која потекнува од крајот на Првата железна епоха (периодот Халстат) се наоѓа во занаетчиската и трговската зона на Лаво. Во центарот на тумулусот (тумба над гробницата) со дијаметар од 40 метри, погребаниот чиј скелет се уште не е изваден почива во просторија од 14 метри квадратни, што е огромен простор. Гробницата е заштитена со заштитен ров.

06.03.keltskagrobnica1

Според претседателот на ИНРАП, Доминик Гарсиа најверојатно се работи за локален келтски принц. археолозите мислат дека станува збор за маж, бидејќи е пронајден голем нож во неговата ножница. Во една блиска гробница е пронајден скелет на жена. Таа гробница е постара од таа на „принцот“, а не се исклучува можноста дека биле во роднински врски.

Квалитетот на пронајдените предмети зборува за постоењето на трговска размена и врски меѓу Средоземното Море и Келтите, подвлекува Доминик Гарсиа. Крајот на VI и почетокот на V век п.н.е. беше одбележан со економскиот развој на етрурскиte градови-држави и грчките градови на Запад, меѓу кои на пример Марсеј. Во потрага на робови, на метал и на скапоцени руди, средозeмените трговци влегоа во контакт со континенталните келтски заедници.

Користејќи ги природните патишта како текот на реките Сена, Рона, Сона, Рајна, Дунав, келтите извлекоа профит од таа трговска размена и се стекнаа со бројни престижни богатства, еден вид „дипломатски подароци“, според претседателот на ИНРАП, Гарсиа.

Гробницата од Лаво сега станува дел од листата на другите монументални гробници од тој период откриени во Западна Европа, како Хошдорф во Германија или Викс во Бургундија (Франција).

Ѕирнете во работните студија на Пикасо, Фрида Кало, Салвадор Дали и други

Студиото е најважно место во животот на секој уметник, место во кое настануваат големите уметнички дела.

04.03.kahloФрида Кало

И ако некому од страна студиото од некој уметник му изгледа како хаотично место полно со креативен неред во кој никој не може да се снајде, тоа се места на кои некои од најславните и најголеми уметници ги создале своите најголеми дела.

04.03.dali

Салвадор Дали

04.03.mone

Клод Моне

04.03.polok

Џексон Полок

04.03.munch

Едвард Мунк

04.03.warhol

Енди Ворхол

04.03.buffet

Бернард Бафет

04.03.lynch

Дејвид Линч

 

Наградената маска од Прочка 2015: Крали Марко и Црна Арапина

Учениците од СОУ Ѓорче Петров од Прилеп под менторство на проф. Марта Макеска ја добија наградата за најдобра современа групна маска на овогодинешниот карневал Прочка 2015г.

„Идејата е од историјата за нашиот град Прилеп ’Крали Марко и Црна Арапина’. За реализација на оваа маска беа потребни повеќе материјали (дрво, најлон, платно и др). Маската ја сочинуваат три тела коњот со Крали Марко, Црна Арапина и група војници. Учениците од струките помогнаа за изработка на оваа маска. Во неа учествуваа 60 ученици во изработка и во изведба“, ни изјави професорката Макеска.

11026477_636934056440387_1267034417_n
Маската се претстави со придружба на музика од филмот Пред дождот од Милчо Манчески (Anastasia – Nine Iron Doors). Инаку, на изложбата со маски која беше отворена на 20.02.2015г прва награда доби ученичка од медицинската струка од истото училиште, Фросина Сваќароска.

11023017_636412359825890_1754507401_n

Приказната за нашето ропство

Или за тоа како се претворивме во најсуровите „животни“ на планетата и како сами себеси си наметнавме ропство.

Се е подготвено за 14-тиот меѓународен карневал „Прочка“ во Прилеп

Градот под Маковите кули е подготвен за пречек на гостите и за одбележување на 14-тиот меѓународен карневал „Прочка“. Оваа година најавени се гости од Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија, за прв пат од Сардинија и од Турција, како и од повеќе градови од Македонија, посочи Снежана Ристеска Советник за култура во ЕЛС Прилеп.

Програмата започнува утре, со изложба на маски кои ги имаат изработено прилепските ученици. Кар­не­ва­лот ќе би­де нај­а­вен во сабота, со на­ста­пот на акро­ба­ти, жонг­ле­ри, пан­то­ми­ми­ча­ри, а главниот настан ќе се случи в недела во 13 часот во центарот на Прилеп.

Прилеп овие денови ќе живее во духот на карневалот рече градоначалникот Марјан Ристески, кој информираше дека Советот на Општина Прилеп донесе одлука и оваа година да се зголеми работното време на прилепските локали за два часа, а во сите прилепски кафулиња и дискотеките влезот за гостите ќе биде со задолжително носење на маска.

Меѓународниот карневал Прочка претставува спој на традицијата со модерното и како таков е еден од најзначајните настани во овај град. Со неговото одржување се зачувуваат старите обичаи кои се дел од нашето културно наследство, а истото се презентира на национално и на меѓународно ниво, што е особено значајно за развој на туризмот.

Од безбедносни причини променета трасата за искачување на Монт Еверест

Непалската влада одлучи од безбедносни причини, да ја измени досегашната траса по која се искачуваа планинарите до највискиот врв во светот Монт Еверест.

Одлуката за промената е донесена по тешката несреќа која се случи минатата година,кога загинаа 16 Непалци, шерпаси кои како водичи им помагаат на експедициите на Хималаите.

Минатогодишната несреќа беше најтешкиот инцидент во историјата на искачувањата кон Монт Еверест, со најголем број човечки жртви. Овој инцидент, предизвика бојкот на шерпасите кои од властите во Катманду бараа поголема безбедност,а од странските експедиции повисоки хонорари за нивната работа.

Протестот на шерпасите целосно ги запре експедициите и искачувањата кон највискиот врв на Хималаите и светот.

Непалската влада која секоја година, од аплинистите и експедициите, обезбедува приходи за државната каса, настојува да се обноват искачувањата уште на почетокот на новата сезона, оваа пролет.

Новите мерки за „безбедна патека“ кон врвот стапуваат во сила веќе од индиот месец.

Со изменетата траса, алпинистите нема повеќе да се движат преку опасниот Кумбу Ајсфол, каде заканите од лавини се многу големи и каде лани се случи несреќата, туку ќе се искачуваат по централниот дел, што тргнува од базниот камп, каде се собираат учесниците во експедициите кон Монт Еверест.

Трасата која сега ја менува непалската влада беше определана уште во деведесетите години на 20 век.

Вкупно 250 луѓе се загинати во досегашната искачувања кон највискиот светски врв.

„Збогум Румелија“- дрско искривување на македонската историја

Деновиве меѓу македонските телевизиски гледачи мошне актуелна е турската серија „Збогум Румелија“, емитувана на телевизискиот канал „Сител“ во вечерните часови. Станува збор за тенденциозен телевизиски проект, со историска пропагандна позадина, којашто го опфаќа периодот пред крајот на Османлиското ропство во Македонија, а кој, во голем дел, е реализиран на територијата на нашата држава, со дозвола и во соработка со наши општествени институции и поединци.

Не би сакале да навлегуваме во уметничката вредност на споменатата „сапуница“, како и во тривијалноста на проблематиката со која се занимава, и да засегаме прашања од типот колку е историски доследна (иако и тука би можело многу да се каже, на пример за несоодветната костимографија која нималку не се совпаѓа со историските факти – во тоа време турските жени не можеле да бидат видени во јавноста без фереџе, сè до неговото укинување од страна на Мустафа Кемал Ататурк во 1925 г., за што сведочи и бројната литерарна, фото и видео документација од тоа време). Дури и не би спореле околу тоа каква перфидна хипокризија се крие зад превезот на прикажаниот, навидум „хармоничен“ соживот.

Но затоа би се осврнале на еден одреден сегмент од тринаесеттата епизода од овој серијал, од 11 февруари, со кој директно се навредува Македонското национално ослободително движење и патриотските чувства на македонскиот народ.

Всушност, гледачите имаа можност да видат една ретка пародија на „Македонската крвава свадба“, во којашто улогите се заменети, па така нашите војводи и комити се претставени како разбојници, силувачи и убијци, кои бесцелно скитаат по планините, небаре глутница волци, напаѓајќи цели села и убивајќи невини луѓе, вклучително и христијани, а во овој конкретен случај се претставени дури и како грабнувачи на млади незабулени турски невести.

Разбирливо е зошто турските режисери, сценаристи и продуценти вака гледаат на нашата историја, но не можеме да разбереме зошто нашата публика лесно го прифаќа тоа. Каде е тука нашата историска свест, критичко размислување и цензура, па дури и нашите национани чувства? Зар пролеаната крв на нашите родољубиви предци, заслужила да биде извалкана на овој начин, а нивното достоинство – обесчестено и најдрско исмејано?

Не би оделе толку далеку, па да ги „нападнеме“ со одредени квалификации оние кои дозволиле ваква серија воопшто да биде снимена на територијата на оваа наша со векови измачена земја, ниту би инсистирале на некакво признавање на историските грешки од страна на поробувачите, иако такво нешто би требало да се очекува од една цивилизирана нација, како што ни е прикажана во серијалот, што, сведоци сме, во блиското минато веќе го направија некои народи, барајќи прошка за неправдата и зулумите што нивните предци ги направиле во минатото.

Дозволете ни да го упатиме нашиот апел до сите национални теливизии да внимаваат при креирањето на својата програмска шема, конкретно во делот со емитувањето на странските програмски содржини. Зашто, некои вредности никогаш не смее и не треба да бидат жртва на трката по гледаност и заработка.
Особено се обраќаме до ТВ „Сител“ со барање веднаш да го прекине емитувањето на конкретнава серија – „Збогум Румелија.“

Истовремено, ги повикуваме сите наши национални институции од областа на културата и просветата, особено историчарите, да пристапат со должната сериозност кон проверка и, доколку е потребно, и санкционирање на сето она што ни се сервира отстрана и поконкретно да ја помогнат домашната продукција и подигањето на нашата национална свест.

И покрај тоа што сме свесни дека ова наше барање може да не наиде на позитивен одзив, сепак, сметавме дека наша должност е да го споделиме ова со македонската јавност и така да ја смириме својата совест пред душите на нашите предци, оградувајќи се од ваквите декадентни пројави во нашето општество.

Реакција на загрижени родољубиви граѓани на Р.М.