Паѓаат цените на становите во Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Агенцијата за катастар и недвижности соопшти дека во вториот квартал од годинава има голем пад на цените на становите во сите општини на Македонија. Што се однесува до Скопје, само во Центар е забележан пораст во цената.

Цената на метар квадратен станбен простор во општина Центар бележи раст, па така во првиот квартал од 2017 година изнесувал 45.562 денари, за во вториот квартал од оваа година да изнесува 61.255денари, соопшти Агенцијата за катастар.

Во општина Аеродром во првиот квартал од 2017 година метар квадратен станбен простор изнесувал 51.739денари, за во вториот квартал во 2017 година да изнесува 50.132 денари, што претставува мал пад на цените на становите во оваа општина.

Во општина Карпош има големо намалување на цената на становите, па така ако на почетокот на оваа година за метар квадратен станбен простор во оваа општина се плаќало по 61.163 денари, во вториот квартал од оваа година метар квадратен изнесува 54.671 денари.

Во општина Ѓорче Петров има намалување на цената на метар квадратен станбен простор, па така споредбено со претходниот квартал бележи намалување од 5.753 денари и цената во вториот квартал од оваа година изнесува 42.832 денари. Во Кисела Вода, исто така, има пад на цените на становите, па така во првиот квартал од 2017 година цената изнесувала 54.335 денари, за во вториот квартал од оваа година истата да изнесува 48.900 денари.

Што се однесува до општините надвор од Градот Скопје, пад на цена на станбениот простор има во општина Битола, па така доколку во првиот квартал во 2017 година просечната цена на метар квадратен изнесувала од 41.546 денари, во вториот квартал од 2017 година истата изнесува 30.302 денари, што претставува пад од 11.244 денари. Во Куманово има стабилна цена на становите и истата се движи околу 29.000 денари за метар квадратен. Во општина Охрид има голем пад на цената на становите, па така во првиот квартал од 2017 година цената за метар квадратен изнесувала 45.308 денари, за во вториот квартал од оваа година истата да изнесува 37.324 денари.

„Генерално, можеме да заклучиме дека имаме многу мало зголемување на активностите на пазарот со недвижности во овој квартал по огромното намалување на активностите кое го регистриравме во последниот квартал од 2016 и првиот квартал од 2017 година, кое пред сè се должи на поволните каматни стапки на комерцијалните банки и падот на цените на становите. Исто така, во овој квартал може да се забележи голем пад на цените на продажбите и закупите на становите во голем број општини во Република Македонија“, соопшти Агенцијата за катастар.

Од таму велат дека бројот на новоградби и станови кои се во тек на градба односно понудата на станови на пазарот континуирано расте, со што ја задоволува побарувачката на станови и во моментот има доволна залиха на новоизградени станови доколку побарувачката се зголеми.