Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Една затворска и пет условни казни е епилогот од четиригодишниот судски процес „Насилство во Центар“ познат како „Шамарите за Жерновски“, соопшти денеска судијата Душко Јосифовски. Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, доби казна затвор од година ипол, додека второобвинетиот, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески доби условна казна, пренесува Слободна Европа.
Обвинетите Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Даниел Трипуновски и Игор Бошковски добија условна казна затвор која нема да се изврши доколку не сторат друго кривично дело.
Обвинителката Фатиме Фетаи по пресудата изјави дека не е задоволна од пресудите и најави дека ќе се жали затоа што смета дека освен казна затвор не треба да биде доделено ништо друго.
„Сите измени во обвинението се направени врз основа на исказите и доказите кои беа презентирани во судот. СЈО и кое било друго овластувања ги завршува кога во судница ќе ги докаже обвиненијата. Нашата работа во првостепената постапка завршува тука“, вели Фетаи.
Одбраната е незадоволна од пресудата затоа што во завршните зборови бараа ослободителна пресуда.
„Мојот клиент не е виновен, не ги сторил дејствијата кои му се ставаат на товар и тоа значи дека најверојатно ќе пишуваме жалба“ вели адвокатот на Јанакиески Еленко Миланов.
Ме судат за шамари кои не се случиле, изјави вчера во Основниот суд Скопје 1, обвинетиот Јанакиески.
„Ниту сум давал насоки, ниту пак сум поттикнувал. Нема докази дека јас ги координирам луѓето пред општината. Не знам како тоа сум го правел, со волшебно стапче или холограм“, изјави Јанакиевски во завршните зборови вчера и порача дека Обвинителството не докажало дека ги извршил кривичните дела.
Во неколку телефонски разговори Јанакиески преку членови од партијата организирал група и дал насоки како насилно да се наруши одржувањето на седницата, се вели во обвинението. Тие се товарат за поттикнување и организирање на насилните протести пред просториите на Општината летото во 2013 година кои, според обвинителството, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“.
Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
Јанакиески во судницата тврдеше дека е жртвено јагне и дека е само перцепција оти тој му бил најблизок соработник на Груевски. Дополнително, Јанакиески се пожали дека поради бегството на Груевски, сега цената ја плаќа тој.
„Факт е дека откако Груевски не е присутен во Македонија, голем дел од медиумскиот и политички притисок е врз мои плеќи, затоа против мене се водат 8 постапки и секој ден сум на суд. Дали е потребно да се најде жртвено јагне за да се понесе одговорноста за нечии постапки? Рангелова е ослободена, Лазаров призна вина, Груевски си замина и што останува? Миле Јанакиески да биде огласен за виновен за некој да може да поентира дека победила правдата“, изјавил Јанакиески во Судот.
Јанакиески е обвинет во вкупно 5 случаи на поранешното СЈО и тоа во предметите „Титаник“ „ТНТ“, „Топлик“, „Траекторија“ како и во предметот на Јавното обвинителство познато како „Шпански Скали“, а СВР Прилеп поднесе и кривична пријава за него за незаконска продажба на државни станови.
Во пресрет на пресудата, вчера полицијата постапи по судскиот налог и ја спроведе поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во затворот „Идризово“ на издржување на четиригодишната казна затвор. Таа од денеска веќе ја издржува затворската казна која и беше досудена уште во октомври 2018 година за предметот на СЈО „Тенк“. При набавката на службениот „мерцедес“ за поранешниот премиер, Никола Груевски, Јанкулоска ја злоупотребила службената положба и овластувања при што била нарушена и тендерската постапка бидејќи бил фаворизиран еден економски оператор. Но, Врховниот суд во два наврати го одложуваше датумот за спроведување во затвор по нејзино барање.
Причината за одложувањето беше нејзиното доенче, а за второто одложување судот не сподели со јавноста информации. Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев за Телма изјави дека штом ја добил конечната пресуда од Врховен по што пресудата ѝ е врачена на Јанкуловска, а потоа таа е и спроведена во затворот во Идризово. Џолев вели дека не постои можност за одлагање на затворската казна бидејќи тоа веќе го сторила претходно поради детето кое тогаш немаше наполнето една година.
Нејзината адвокатка Сања Алексиќ пред новинарите денеска изјави дека вчерашното спроведување на Јанкулоска е надвор од секоја законска процедура.
Таа вчера околку 15 часот ја добила одлуката од Врховен суд и по само десетина минути полицајци кои и кажале дека мора да тргне со нив за да биде однесена на издржување на казна затвор во Идризово.
„Тоа е надвор од сите законски процедури затоа што со тоа ѝ е ускратено нејзиното право да побара одложување на издржување на оваа казна по било кој друг основ од законот за извршување на казни“, вели Алексиќ.
Таа беше осудена на шест години, заедно со поранешниот премиер Никола Груевски кој доби две години за поттикнување на кривично дело, а заменикот министер Ѓоко Поповски доби 6 години за злоупотреба на службена должност. Апелација ја преиначи и намали казната на 4 години за неа и за нејзиниот заменик Поповски.