Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Минималецот се зголемува за 2.800 денари (45 евра) односно од 15.200 на 18.000 денари.
Договорот беше постигнат по неколку состаноци на Економско-социјалниот совет односно по преговори меѓу Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавци, пренесува 360 Степени.
Покачување на минималната плата ќе почне да се спроведува со исплатата на платата за март што значи дека работниците новиот минималец ќе го добијат на почетокот на април.
„Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18 000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата. Очекуваме оваа мерка позитивно да влијае на останатите плати во сите индустрии со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани“, се пофали премиерот Димитар Ковачевски на синоќешната прес-конференција во Владата.
Оваа мерка, рече премиерот, во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата.
Државата ќе ја покрива разликата за придонесите
Според изјавата на Ковачевски, за работниците да може да добијат поголем минималец ќе помага и државата со пари од буџетот на тој начин што ќе ја покрива разликата во придонесите.
„Со договорот работодавците ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработените кои се на минимална плата. Државата, пак, ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15 200 денари до онаа која ќе се исплаќа за март од 18 000 денари. Станува збор за удел од страна на државата од околу 16 милиони евра до крајот на годината. Ветивме и реализираме мерки кои директно го помагаат животниот стандард. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на финансиска поддршка на граѓаните.“, рече Ковачевски нагласувајќи дека пари за ова во државната каса има.
Нова методологија за пресметување на минималецот
Покрај покачување на минималната плата, постигнат е договор и за нов начин на пресметување на минималецот.
„Постигнавме уште една важна согласност: Да ги промениме критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Третиот критериум е новина: висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика“, рече Ковачевски.
Од новата методологија задоволни се и од ССМ од каде велат дека добро е што е отстранет критериумот кој се однесува на растот на БДП.
„Добивме нова методологија каде вели 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот и го изоставивме од методологијата БДП кој во минатото ни правеше големи негативни ефекти знаејќи дека минатата година беше минус 0,7 проценти и согласно досегашната методологија не успеа да ја зголеми минималната плата. Исто така сакам да напоменам дека ќе има и доследна примена на членот 8 од минималната плата каде вели дека сите останати плати согласно законите, коефициентите и колективните договори ќе се зголемат“, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Тој се заблагодари на Владата што застанала зад барањата на синдикатите, но благодарност упати и до работодавците бидејќи како што рече, не биле себични и не го попречиле зголемувањето на минималната плата.
Оттаму, пак, велат дека ја поздравуваат одлуката за покачувањето на минималецот, но како Организација на работодавци се без став околу новата методологија бидејќи прво треба да направат пресметки со фирмите-членки дали и какви реперкусии ќе има. Претставничката на работодавците им порача на синдикатите дека очекува сега да помогнат работниците да бидат попродуктивни.
„Организацијата ја поздравува одлуката за зголемување на минималната плата. Ова е нова одлука за нас со нови методологии и нов пристап и од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и дополнително да излеземе со став по однос на реперкусиите на минималната плата врз нивното работење и врз процесите на продуктивно работење во иднина. Како што вети и синдикатот, работниците дополнително како задоволни од минималната плата ќе придонесат за зголемување на продуктивноста и од таа причина очекувам да останат доследни на својот збор и да придонесат за попродуктивно работење, за посреќна иднина на сите нас и за поуспешни услови за функционирање на оваа држава“, рече претставничката на Организацијата на работодавци.