Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) останува најдобро рангирана македонска високообразовна установа на светската листа на универзитети на Webometrics Ranking of World Universities (Вебометрикс), но на светско ниво УКИМ се наоѓа на 1.594-то место, односно за 100 места подолу во споредба со рангирањето од јули 2021 година.
На втората позиција во земјава е Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, којшто е рангиран на 3.711-то место меѓу светските универзитети, наспроти 3.153-тата позиција што ја заземаше на рангирањето пред шест месеци.
Треторангиран на листата е Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, којшто годинава во јануари се наоѓа на 4.547-то место, додека лани во јули ја имал 4.094-тата позиција на светската ранг листа.
Меѓу горните позиции на коишто се рангирани вкупно 22 високообразовни установи во земјава, подобрување во рангирањето во јануари 2022 во споредба со јули 2021 година има кај Меѓународниот Балкански Универзитет на 8.877-та позиција и Универзитетот на информатички науки и технологија од Охрид кој се зацвртил на 14.444-тата позиција на светската листа на најдобри универзитети.
Инаку, на последното рангирање меѓу 500-те најдобри универзитети во светот се најде Универзитетот во Белград, како и водечките високообразовни установи од Чешка, Полска, Грција, Словенија и други земји од Југоисточна и Средна Европа. На првата позиција, како најдобар универзитет во светот и во јануари 2022 година е рангиран Универзитетот Харвард од САД.