Пад на еврото на најниско ниво во последните 20 месеци по италијанскиот референдум


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Заради исходот од референдумското изјаснување во Италија и оставката на премиерот Матео Ренци, експресно реагираа светските финансиски пазари, а европската валута е на најниско ниво од март 2015 година.

Во односот на американскиот долар, еврото падна на најниско ниво во последните 20 месеци заради одлуката на италијанскиот премиер Матео Ренци да поднесе оставка на функцијата, затоа што мнозинството граѓани се изјаснија против неговите уставни промени. Неговата оставка, според аналитичарите, ќе доведе до продлабочување на политичката нестабилност во третата најголема економија во еврозоната која веќе е оптоварена со јавен долг, што би можело дополнително да го разниша банкарскиот сектор.

Во текот на вчерашниот ден еврото се вреднуваше само 1,0507 американски долари. Од друга страна, индексот на доларот, што ја покажува вредноста на американската во однос на други шест најважни светски валути, утрово порасна за 0,7 проценти, односно на 101,49 бодови, па повторно тргна кон 102 бода, т.е. најблиску до највисокото ниво од 2003 година.

На азиските берзи вредноста на акциите денес доживеа пад. На Токиската берза, Nikkei индексот околу седум часот беше во минус  0,9 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Хонгконг, Австралија и Шангај паднаа од 0,2 до 1,3 проценти.

Аналитичарите велат дека инвеститорите се претпазливи, но сепак не се во паника, иако уште сега многумина заклучуваат дека во Италија ќе следуваат нови избори на кои власта може  да ја преземе опозицијата што ја водат партии и движења кои најавуваат дека сакаат да излезат од ЕУ или барем од еврозоната.

На почетокот на неделава, на пазарите вообичаено владее зголемена нервоза, иако не дојде до поголем пад на акциите. Или берзите станале имуни на политичката нестабилност, или пак сметаат дека ситуацијата во Италија сепак ќе се расчистува во подолг период – дури и ако претседателот, односно новиот мандатар не успее да формира влада, ќе има 70 дена за да се обиде, и тоа во оваа фаза сега изгледа прилично далеку, појаснува Кејтлин Брукс, директорка на истражувањата во City Index Direct, што го пренесува BBC.