Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Бруто домашниот производ во вториот квартал бележи пад од 12,7% споредено со истиот период лани, пресмета Државниот завод за статистика. Податоците покажуваат дека во второто тримесечје извозот и увозот се намалени за околу 30%, додека бруто инвестициите бележат пад од 25,6%.
И за експертите и за власта падот беше очекуван поради намалената економска активност предизвикана од здравствената криза. Доколку светската, а со тоа и македонската економија не доживеат нов удар и повторно затворање поради пандемијата на Ковид-19, проекциите се годинава да се заврши со помала негатива.
„Сметам дека овие три месеци беше и најмногу погодена државата и економскиот амбиент со последиците од пандемијата од Ковид-19. Така да, за мене е очекуван овој процент, а имам очекувања дека следен квартал е обично секогаш пожив и поактивен во нашата земја и сметам дека имаме шанса да ја завршиме годината со релативно подобар минусен раст на БДП од -4% или -5%. Сепак, тоа зависи од повеќе фактори, пред сè, од фискалните стимулси и интервенции што ги планира централната власт, сè со цел да се надмине оваа најголема криза од 1860 година, која ја погоди глобалната економија”, вели Зоран Ивановски, универзитетски професор.
И владините очекувања за економскиот раст до крајот на годината се движат во негативната зона меѓу 4% и 5%.
По сектори, во вториот квартал годинава во однос на истиот лани, најголем пад регистрираше преработувачката индустрија, од речиси 30% (-29,4%), а потоа следат трговија, транспорт и угостителство со пад од 23,4%.
Според експертите, опоравувањето генерално ќе зависи од новиот пакет мерки, за кој велат дека мора да ги опфати ранливите категории граѓани, тие што ја загубија работата поради пандемијата, но и да се поддржат приватните бизниси.
„Освен фискалните стимулси треба да се оди и во правец на динамизирање на економската активност преку олеснување на постапките за старт на бизниси или олеснување на регулаторни гилотини, каде што тоа може да се направи, колку што може повеќе да се олесни, да се охрабрат граѓаните и приватните инвеститори да инвестираат и на тој начин да се надмине и моментално најгорливиот проблем, а тоа е големата загуба на работни места. Не може да се оди со индивидуални мерки, мора да се оди со пакет мерки”, смета професорот Ивановски.
Државната статистика пресмета и раст на трошоците на живот за 1,5% во август, споредено со истиот месец лани. Најмногу поскапеле комуналиите и домувањето за 4,5%.