„Оживеана“ кривичната пријава против екс-министерката Нина Ангеловска за повлекување пари од пропаднатата Еуростандард банка


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Вишото јавно обвинителство повторно ја „оживеа“ кривичната пријава која Левица пред неколку месеци ја поднесе против бившата министерка за финансии Нина Ангеловска, со обвинение дека ги повлекла своите пари од Еуростандард банка пред таа да пропадне. Пријавата беше отфрлена од Основното обвинителство, но сега Вишото обвинителство ја прифати поднесената жалба од партијата.

-Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно своите законски надлежности, по увидот во жалбата и списите од предметот донесе Решение со кое жалбата ја уважи и го задолжи Основното јавно обвинителство Скопје да ја продолжи постапката со цел утврдување на сите неопходни факти и донесување соодветна јавнообвинителска одлука која ќе произлезе од утврдените факти и докази, пренесува Фокус повикувајќи се на изјава од Обвинителството.

Според кривичната пријава која ја поднесе Левица, додека Ангеловска била на функција, наводно, злоупотребувајќи инсајдерски сензитивни информации го повлекла својот депозит во вкупен износ од 250.000 евра од Еуростандард банка непосредно пред банката да пропадне, со што ја искористила службената положба за остварување лична корист и се поставила во привилегирана и фаворизирачка позиција во однос на останатите доверители.

-Со ваквото умислено и противправно однесување пријавената го прекршила член 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси со што се исполнети условите за кривичен прогон по службена должност за сторено тешко кривично дело Несовесно работење во службата, обвинуваа од Левица.

Оттаму потенцираа и дека за ова кривично дело е предвидена тригодишна затворска казна како јавен деликт насочен против службената положба.

Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка на 12 август 2020 година, по што беше отворен стечај за банката. На 16 август, министерката Ангеловска кажа дека во два наврати извадила пари од Еуростандард банка, првиот пат да инвестира во инвестициски фонд, а вториот пат да си купи стан, бидејќи, како што кажа таа, живеела под кирија.