Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Жестоките и бескомпромисни протести во Париз на жолтиот маркирен елек со флуоресцентни сиви траки му дадоа сосема нова дименизја во општественото опстојување и засекогаш му го сменија значењето, додавајќи му ја симболиката на непокор, револт и бунт.
Ако некогаш сте се запрашале кому му текна да го воведе жолтиот елек како симболика на протестите во Франција и пребарате на интернет за тоа, ќе наидете на името од Французинот Гиљан Кутар.
Гиљан Кутар е еден од ретките луѓе чиј лик се поврзува со таканареченото движење на „Жолтите елеци“ кои во Франција уште од почетокот на ноември започнаа да протестираат поради новите даноци за гориво. Бидејќи, токму тој, автомеханичар од Нарбон, на неговото видео објавено на социјалните мрежи, предлага сите демонстранти да носат жолт елек.
Дојче Веле: Како дојдовте до идејата за жолтите елеци?
– Беше едноставно. Додека го снимав моето видео, го видов жолтиот елек што го користам на работа. Помислив, создаден е сите да го видат, тоа е сѐ што имаме во нашите возила бидејќи така вели законот. Зошто тоа да не го користиме како наша боја за препознавање? Само да видиме, дали луѓето имаат волја да излезат на улица и да протестираат. И погодок! Се случи токму тоа.
Дојче Веле: Велите дека ве поттикнал Ерик Дует, возач на камион кој повика на протест на 17 ноември.
– Точно. Неодамна разговарав со него и вели дека жолтите елеци се круна на сето она што фалеше. Така Ерик повика на протест, јас дојдов до идеја за симболот и започна сѐ.
Дојче Веле: Видеото го снимивте на крајот од октомври. Сега ова е нешто што ја тресе цела Франција. Дали сте изненадени со тоа што се случи во последните неколку недели?
– Да, лудо е! Возам низ Франција поради мојата работа и насекаде каде што стојам гледам жолти елеци. Понекогаш се претставувам и во повеќето случаи луѓето ме препознаваат. Тоа е неверојатно. Може да се каже дека имав добра идеја, но не мислев дека ќе се прошири меѓу толку луѓе.
Дојче Веле: Дали бевте шокирани поради насилството во Париз минатиот викенд?
– Бев шокиран, но ме налути тоа што медиумите само прикажуваа како „Жолтите елеци“ ја напаѓаат полицијата. Она што таму се гледа е дека на полицијата едвај ѝ е потребна причина да посегне по својот солзавец. Тоа не е во ред. Според мене, тактиката на полицијата беше целосен пораз.
Дојче Веле: Дали си задоволен со насоката кон која се развива протестот?
– Да, сосема. Започнуваме да ги гледаме резултатите. Претседателот веќе се откажа од својот план за данок за 2019 година.
Дојче Веле: Зошто и понатаму сте организирани ако веќе ја постигнавте вашата цел?
– Тоа не е доволно. Мораме да се бориме и против постоечките даноци што беа воведени изминатите години. Требаше да започнеме со протести уште тогаш, но сега мора да надоместиме за сето она што сме го пропуштиле.
Дојче Веле: Што треба да се случи за „Жолтите елеци“ да бидат задоволни?
– Мислам дека претседателот треба да излезе од неговата дупка и да се соочи со граѓаните на Франција. Не само со јавни соопштенија, туку во реалност, на улица. Но, тоа никогаш нема да се случи. Мислам дека не сака. Тој е премногу отуѓен. Толку е горд што нема да направи ниту чекор. Проблемот е што е тврдоглав, а и ние сме тврдоглави. Во еден момент некој мора да попушти, а ние сметаме дека тоа ќе биде тој.
Дојче Веле: Движењето не сакаше да се определи во политичкиот спектар ниту бараше поддршка од партиите. Дали има конфликти меѓу „Жолтите елеци“ за политичката насока?
– Да, ние сме одлични во тоа меѓусебно да не се разбираме. Да бидам искрен, лесно би било некој да нѐ подели. На пример, во Нарбон, градот во кој живеам, постојат три движења и зони на дејствување. Ние не сме способни трите движења да ги здружиме во едно. Секој сака да управува со својата област, да прави што сака. Тоа е еден од недостатоците на Французите: тешко можеме да се согласиме за нешто. Најголем проблем со „Жолтите елеци“ е да се согласат да се движат во иста насока. Но, мислам дека ќе дојдеме до тоа за неколку недели.
Дојче Веле: Која е вашата политика?
– Јас? Јас воопшто не сум политичен. Само би сакал да имам право да гласам за важни закони што се донесуваат. Но, немате право да одлучувате за тоа, туку само кој ќе биде претседател на секои 5 години.
Дојче Веле: Зошто лично се спротивставивте на овој данок?
– Цените на горивото станаа неверојатни во споредба со претходните години. Можам да живеам од моите приходи, но имам многу пријатели чии плати се помали од мојата и кои едвај живеат. Дури и најмалиот проблем со нивните возила, за нив е катастрофа. Мора да се задолжат и тогаш нема крај.
Дојче Веле: Дали сте против плановите на Макрон за подобрување на животната средина?
– Не, всушност секој би сакал да вози на чиста енергија, но тоа воопшто не е во плановите на владата. Така нема да се постигне ништо. Не можеме ни сега да плаќаме за нашите возила, така што е целосно невозможно да купиме електрично или хибридно возило.
Дојче Веле: Што мислите дека е иднината на движењето?
– Мислам дека ќе биде лошо. Тоа е неизбежно. Според мене, лутината е голема. Макрон предоцна одговори. Повеќето луѓе сакаат тој да го отстапи местото.
Убаво е да се видат луѓето од соседните земји, во Белгија, Италија, Германија, дека исто така носат жолти елеци како симбол на своето незадоволство. Се надевам дека ова ќе стане меѓународно движење. Кога ќе се налутиме, ги ставаме жолтите елеци и тоа и го покажуваме.
Извор: Факултети