Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Политичките опструкции, пресметки и реваншизам помеѓу локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Битола и централната од СДСМ стигнаа дотаму што државата направи чекор назад во децентрализацијата, па Министерството за труд и социјална за првпат ѝ ги одзеде ингеренции на Општината врз најголемата битолска градинка „Естреја Овадија-Мара“.
Ингеренциите беа одземени откако општинското советничко мнозинство не изгласа член на Управен одбор (УО) од редовите на вработените во градинката со која директорува кадар на СДСМ. Сега Министерството за труд и социјална политика ќе поставува и разрешува членови во Управниот одбор, пренесува СакамДаКажам.
Градоначалникот Тони Коњановски, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека централната власт продолжува со опструкции директно удирајќи по воспитниот процес. Опозиционата СДСМ возврати дека општинскиот Совет предводен од ВМРО-ДПМНЕ со месеци го блокира и нарушува работењето на установата.
„Група вработени, реагираа на начинот на одржување и избор на член во Управниот одбор на установата од редот на вработените, опишувајќи го како нерегуларен, спроведен без присуство на сите членови и во недостаток на гласови, дополнет со глас на директорката. Нелегално избраниот член, не беше изгласан од Советот на Општина Битола. Како локална самоуправа, не можеме да дозволиме ваков начин на функционирање, па целата документација ја доставивме до Министерството за труд. Наместо преземање на соодветни мерки се соочуваме со одземање на ингеренциите“, рече Коњановски.
Советникот од СДСМ Борче Корлевски, пак, рече дека локалната власт најпрво не ги изгласа завршните сметки и програмата на градинките уште на првите седници без никакво образоложение. Потоа три пати ја поставиле и три пати ја тргнале точка од дневен ред за избор на претставник на вработените во УО на установата.
„Без тронка одговорност ги оставија градинките три месеци парализирани, без функционален Управен одбор“, рече Корлевски.
И одговорните во градинката потврдија дека Советот не ја изгласа точката за избор на член во УО, а ни програмата за работа и годишниот извештај, со што беше блокирана работата на градинката која во свој склоп има девет клона и обезбедува воспитно-едукативна дејност за 900 деца. Во овие градинки во изминатиот период имаше реновирања кои не беа направени со децении.
Тензична е и атмосферата во училиштата каде локалната власт не може да ги промени директорите од СДСМ зашто уште имаат мандат. Опозицијата неодамна обвини за класичен упад, а не увид и ревизија во битолските училишта од комисија во кој членуваат соработници и раководители на сектори од Општината, а не овластени инспектори. Посочија дека вработен просветен работник извршил физички напад врз директорка на училиште со цел да одземе документ. Од Општината одговорија дека сè што е преземено е законски и дека онаму каде што имаат индиции за неправилности, ќе поставува внатрешниот ревизор.