Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според оценката која американскиот Стејт департмент ја изнесува во извештајот за состојбата човековите права во светот во 2021 година, во делот за Бугарија не само што наведува дека таму постојат етнички Македонци, туку и дека се нарушуваат нивните права за слобода на здружување. Стејт департментот наведува дека бугарските власти и покрај 14 одлуки на Судот за човекови права го спречуваат организирањето на Македонците.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите. Во еден пример на 31 мај, апелацискиот суд во Софија ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација од ноември 2020 година, со која се одбива регистрацијата на Здружението на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор со образложение дека групата ќе спроведува политичка агенда која го загрозува единството и безбедноста на нација и би ги прекршиле правата на останатото население во земјата што не се идентификува како македонско“, се вели во извештајот на Стејт департментот.
Во извештајот Стејт департментот нашироко образложува дека новинарите се под силен притисок, па дури и удар, на политичарите и моќните бизнис групи и компании.
„Независните медиуми беа предмет на отворени напади од политичари на сите нивоа и од административен и судски притисок. Во мај, поранешниот директор на јавно финансираното Бугарско национално радио, Андон Балтаков, во печатено интервју рече дека законот фаворизира политичко мешање во управувањето со медиумите преку контролирано финансирање и ја обвини поранешната влада за малтретирање преку намерно намалување на буџетот. Репортери без граници во својот Индекс за слобода на печатот во светот за 2021 година наведоа дека ‘политичарите и олигарсите одржуваат односи обележани со корупција и конфликт на интереси во провладините медиуми. Делјан Пеевски, олигархот кој беше најозлогласеното олицетворение на оваа аберантна состојба на нештата, ги продаде своите медиуми, но неговото влијание врз медиумите продолжува да биде проблематично’“.
Медиумското опкружување е обележано со „физички напади и кампањи за оцрнување на новинарите; неказнивост за злосторствата за насилство врз известувачите и судско вознемирување; пристрасност на јавните медиуми, особено во предизборието; корупција, дезинформации и недостаток на транспарентност за сопственоста на медиумите; медиумскиот плурализам загрозен од сопственичката концентрација; и пристрасност и непроѕирност во распределбата на државната помош за медиумите, на штета на независните медиуми“.
Стејт департментот наведува дека не стивнува антисемитската реторика во Бугарија. Според пописот од 2011 година во земјата живееле 1.130 Евреи, но локалните еврејски организации проценуваат дека вистинскиот број е помеѓу 5.000 и 6.000.
„Антисемитската реторика продолжи да се појавува редовно на социјалните мрежи и како коментари под написите на онлајн медиумите. Организацијата на бугарските Евреи, или ‘Шалом’, објави тренд на зголемување на онлајн антисемитскиот говор и теориите на заговор во контекст на пандемијата на корона вирусот, како и периодичниот вандализам на еврејските гробишта и споменици. Во туристичките области низ земјата беа достапни сувенири со нацистички ознаки“, пишува Стејт депертментот.