Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Сезоната на годишни одмори започнува, па многу семејства во текот на летниот период, на десетина, дваесет, а некои посреќни можеби и на повеќе дена, ќе ја заменат својата секојдневна локација на живеење со некој поегзотичен крајезерски или крајморски предел.
Но, токму кога луѓето во тој период уживаат и безгрижно се забавуваат на летниот одмор, нивниот дом е најранлив и најпогоден за „оперирање“ од разбојници и провалници. За вашиот годишен одмор да не се претвори во кошмар, потребно е да преземете низа мерки за заштита на вашето живеалиште од кражби.
А кој може да ви даде подобри и попрактични совети за некоја работа од самиот мајстор на занаетот. Така е и во овој случај. Бивши криминалци и провалници откриваат 10 начини на кои сопствениците можат да си го заштитат својот имот додека извесно време се отсутни од дома.
Личните документи не ги оставајте без надзор
Доколку провалат во вашиот дом и дојдат до вашите лични документи, како лична карта, пасош или возачка дозвола, криминалците лесно можат да го злоупотребат вашиот идентитет. Тоа, за жал, е злостор на модерното време чија тенденција и фреквентност зема сè поголем замав и бројност. Сите лични документи секогаш носете ги со себе, без оглед на тоа дали ќе ви бидат потребни или не.
Поставете снимка од кучешко лаење
Никој не е баш толку храбар да влезе на туѓ посед каде има разлутено куче чувар. Крадците ќе мислат дека некој има дома и ќе се откажат од нивната првична криминална намера. Доколку немате куче, некои безбедносни системи нудат аларми со снимен кучешки лаеж.
Вградете брава против провали
Така дополнително ќе ја отежнета мисијата на провалниците и ќе им одземете повеќе време во обидот да провалат во вашиот дом. Сето тоа може да привлече дополнително внимание кај соседите. Во повеќето случаи секој разбојник кој држи до одредени арамиски принципи ќе се откаже од провалата штом види дека треба да си има работа со противпровалничка брава.
Не пуштајте објави за вашата локација и отсуство од дома на социјалните мрежи
Луѓето денес се изгорени да се испофалат каде ќе летуваат уште непојдени таму, а кога еднаш ќе се најдат на летната дестинација, немаат мера колку и какви информации споделуваат за тоа. Советот е да се воздржите од давање премногу информации и не објавувајте фотографии од вашиот одмор додека не се вратите дома.
Темелно искосете ја тревата пред заминување
Ако тревникот е свежо искосен, секој крадец ќе биде повнимателен дали навистина куќата е празна или добил погрешна информација. Исто така, со темелно искосена трева потешко ќе се сокријат потенцијалните траги од криминалот. Провалниците со денови можат да меркаат една иста куќа за разбојништво, ако сметаат дека ќе им се исплати ризикот и кражбата, па затоа не е лошо додека сте отсутни да најмите и градинар кој ќе ви ја одржува градината/дворот додека сте на одмор.
Инсталирајте надзорна камера
Како што важи и за алармот, и таа не мора да биде нужно функционална и исправна, само нека биде што повидлива. Паметните крадци нема да ризикуваат да бидат снимени.
Клучевите сокријте ги од видно поле
Ако некој од прозорот може да ги види клучевите кои висат на ѕид или на друго место во куќата, многу поверојатно е дека ќе се охрабри да провали. Така провалникот може да добие лесен пристап и до други делови од вашиот посед (визба, гаража и други простории и места).
Вградете осветлување кое реагира на движење
Светлото со сензор на движење е паметна инвестиција, бидејќи обезбедува доза на сигурност никој да не може да се приближи до вашиот дом без да привлече видливо внимание.
Премачкајте ја дограмата со масло
Неконвенционален метод, но ефикасен во поглед на заштита од евентуална провала во домот преку прозорците.