Откриена група која криумчарела мигранти низ Македонија – замешани и полицајци


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Надлежните полициски служби откриле група од 14 лица кои осум месеци криумчарела мигранти низ Македонија, обезбедувајќи транспорт и прифаќање во кумановско-липковскиот регион на лица кои нелегално влегле од Грција на територијата на државата, за оттаму, бегалците и мигрантите да се обидуваат да продолжат кон север и да ја поминат македонско-српската граница, пренесува Дојче Веле.

„Криминалистичката истрага над организираната 14-члена криминална група, со дефинирана структура и строга хиерархиска поставеност, се спроведуваше во изминатите осум месеци, односно, од март до октомври 2019 година. Оваа криминална група во период од март 2019 година досега, организирала криумчарење на 400 мигранти, по потекло од Aвганистан, Пакистан, Ирак, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот исток, кои претходно престојувале на територијата на Грција, а меѓу кои имало и деца, стекнувајќи се притоа со значителна противправна имотна корист од околу 150.000 до 200.000 евра“, рече на денешната прес конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Мигрантите и бегалците во Република Северна Македонија влегувале илегално, преку „зелената граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, со помош на шверцерите кои како водичи ги спроведувале на претходно договорени локации, од каде, со патнички и товарни возила ги превезувале до други локации во близина на селата Марвинци и Фурка, и градовите Богданци, Удово и Демир Капија. Според полицискиот портпарол, оттаму, мигрантите биле превезувани до однапред договорени локации на автопатот Куманово – граничен премин „Табановце“, каде други лица ги транспортирале до кумановските села Ваксинце и Лојане, „каде биле времено сместувани и засолнувани во објекти на соработници и помагачи на криминалната група, а потоа и криумчарени преку северната граница, кон државите на ЕУ“.

Соработници во организираната криминална група биле и еден полицаец и еден кандидат за полициски службеник, кои ги информирале криумчарите за евентуална поставеност на полициски патроли и контроли.