Откако се самопријави: ОЈО смета дека во случајот со Богоевски нема кривично дело


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Откако денес пратеникот од владејачката СДСМ, Павле Богоевски, се појави во скопското јавно обвинителство за да се самопријави со признание дека нелегално набавувал масло од канабис за негов близок пријател, од ОЈО одбиле да му земат исказ на Богоевски и да покренат постапка, бидејќи сметаат дека нема кривично дело во случајот, пренесува Фокус.

Според неофицијални информации Обвинителство не може да покрене постапка во случајот со Богоевски бидејќи нема докази кои би докажале дека пратеникот на СДСМ навистина набавувал марихуана. Единствено неговото признание може да се употреби како иницијална каписла, но во тој случај ќе мора да се обезбедат други докази.

Со тоа што недостасува самата марихуана, која е corpus delikti во случајов, недостасува и клучниот доказ против Богоевски. Corpus delikti е термин што се користи во правото, а кој се однесува на принципот дека лице може да биде осудено само ако се докаже извршувањето на кривично дело. Од ова произлегува дека осомниченото лице не може да се осуди само врз основа на сведочење.

Во случајот со Богоевски треба марихуаната да биде пронајдена, да се утврди количината, да се даде на вештачење, да се измери и да се утврди нејзиниот состав, потоа преку МВР да се најде сторителот, од кого е набавена, па дури потоа да се оформи предмет. Но сè додека нема дело и нема докази, не може да се покрене ниту постапка против Богоевски.