Откако Мицотакис најави дека нема да формира коалициска Влада, и Ципрас го одби мандатот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Лидерот на грчката левичарска опозициска партија Сириза, Алексис Ципрас, на средбата со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу денеска не го прифати мандатот за формирање нова влада, пренесува ТВ ЕРТ.

Ципрас рекол дека одговорил на својата институционална обврска да дојде, но посочил дека не го прифаќа мандатот бидејќи нема можност за формирање влада.

Сакеларопулу, од своја страна, посочила дека Уставот предвидува континуитет на јасен начин и изразила надеж дека следните избори ќе дадат влада.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, чија партија Нова демократија освои најмногу гласови на парламентарните избори во неделата, во понеделникот изјави дека нема да формира коалициска влада и изрази надеж дека ќе има нови избори на 25 јуни за да дојде до апсолутно мнизинство.

Мицотакис ова ѝ го кажал и на Сакеларопулу, која официјално му понудила можност да формира владејачка коалиција врз основа на Уставот.

„Гласачките ливчиња кажуваат се. Тие покажуваат дека Нова демократија ја доби довербата на народот да владее, да биде силна и автономна. Милиони грчки граѓани гласаа за Нова демократија. Одличниот резултат ја покажува волјата на народот кој ни дал согласност за политичка независна влада. Народот побара нешто повеќе – да се движи побрзо на патот на напредокот и големите реформи“, рече Мицотакис, според грчката редакција на Си-ен-ен.

Мицотакис изјави дека резултатот од првиот круг е „политички земјотрес“ во Грција и голема победа која ги надмина дури и очекувањата на партијата, но бидејќи нема апсолутно мнозинство, Мицотакис сега бара уште едно гласање.

„Од утре ќе се бориме заедно за на следните избори Нова демократија да може да се потпре само на себе. Ќе продолжиме напред, храбро и стабилно, за да го завршиме денешниот важен чекор и да бидеме конечни победници. Грција сака силна влада“, истакна тој.

На изборите во неделата, а врз основа на над 90 отсто преброени гласачки ливчиња, Нова демократија освои 40,8% од гласовите пред левичарската Сириза, која освои 20,1% отсто од гласовите. Социјалистите ПАСОК-Кинала предводени од Никос Андрулакис го зазедоа третото место со 11,46%.

Ова е најдобриот резултат на конзервативците во последните 14 години.

Ако партиите не можат да формираат влада, Сакеларопулу ќе назначи преодна влада за да се подготви за закажување нови избори, кои потоа треба да се одржат по околу еден месец, најверојатно на 25 јуни.