Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Ова не е еден од оние досадни интернет тестови кои ви „ветуваат“ дека подобро ќе се запознаете себеси доколку ги решите до крај истите. Овие совети и размисли ги дава познатиот писател и грандиозен познавач на човечката душа, Антон Павлович Чехов.
„Животот има свои услови. Со цел човек да биде прифатен меѓу образованите луѓе, мора да биде културен“, му порачува рускиот писател Антон Чехов на својот помлад брат во едно од писмата упатени до него. Во прилог на тоа писмо, Чехов му прави список на услоги кои ги исполнуваат културните луѓе.
1. Тие ја почитуваат човечката личност и затоа секогаш се љубезни, внимателни, учтиви и подготвени да направат нешто за другите“.
2. Сочувствителни се кон сите, не само кон питачите и мачките. Се грижат и за она кое не се гледа и подготвени се да се жртвуваат за да им помогнат на другите.
3. Ја почитуваат туѓата сопственост и затоа си ги враќаат своите долгови.
4. Искрени се и ја презираат лагата. Не лажат дури ни кога се ситници во прашање. Лагата го навредува соговорникот и го понижува во очите на оној кој го лаже. Културните луѓе не се позери, се однесуваат исто и на улица, и во својот дом, не се прават важни пред своите скромни пријатели. Не се склони кон дрдорење, ниту пак ги оптоваруваат другите со своите беспричински исповеди. Од почит кон туѓите уши повеќе молчат отколку што зборуваат.
5. Не се понижуваат себеси за да предизвикаат сожалување. Не играат на картата на туѓа чувствителност за да привлечат внимание. Не велат: „Мене никој не ме разбира“ или „Никому не му е гајле за мене“, затоа што тие се евтини и вулгарни трикови.
6. Не им е гајле за лажни вредности, познанства со познати личности или за тоа самите тие да бидат славни. Ако направиле нешто значајно, не прават од тоа најважна работа на светот и не се фалат со тоа дека имаат пристап таму каде што други немаат. Вистински талентираните луѓе секогаш се држат на страна од фалење и реклами.
7. Ако имаат некоја дарба, ја почитуваат. Заради таа дарба го жртвуваат одморот, романсите, прошетките, суетата. Горди се на својот талент, но и му се верно посветени на истиот.
8. Имаат развиено чувство за убавото, естетското. Не одат на спиење во дневни алишта, ја одржуваат чистотата на животниот простор. Многу водат сметка да ги контролираат своите нагони и во спротивниот пол да не гледаат само сексуален објект. Стремат кон оригиналност, отменост, човечност, им се восхитуваат на мајчинските чувства. Не се пијанат, туку пијат алкохол само во посебни пригоди, бидејќи сметаат дека не се свињи. Се држат до начелото Mens sana in corpore sano („Во здраво тело, здрав дух“).
Така изгледаат културните луѓе. За човек да биде културен, не е доволно да чита популарни романи и да оди во театар. Тој мора постојано, деноноќно да работи на самиот себе, да чита, да учи, да се труди…и веднаш да ја отфрли суетата, бидејќи секој загубен час се брои“, го завршува Чехов своето писмо.