Осудените во случајот „Диво насеље“ денес повторно во судница


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Неправосилно осудените од постапката за Диво Насеље денес повторно ќе бидат спроведени во суд, бидејќи за денес и за в петок Апелацискиот суд во Скопје закажа јавни седници на кои ќе се чита првостепената пресуда и ќе се разгледуваат жалбите кои се поднесени по нејзиното донесување, пренесува Мкд.мк.

Поради обемноста на предметот, големиот број на обвинети, бранители, како и медиуми, седниците ќе бидат во Врховниот суд во Скопје.

Во истата оваа судница се одржуваше и првостепената постапка за овој предмет во кој им се судеше на 37 обвинети лица.

Обемноста на предметот за случајот го забави закажувањето на јавната седница по жалбите на првостепената пресуда поднесени од неправосилно осудените за тероризам и терористичка организација.

По одржувањето на јавната седница судиите од Апелацискиот суд во Скопје ќе треба во најкус можен рок да одлучат дали ќе ги потврдат одлуките на првостепениот суд, дали ќе ги преиначат или ќе ги укинат и предметот ќе го вратат на повторена постапка.

Право да зборуваат на седницата освен адвокатите имаат и обвинетите во постапка од кои дел се наоѓаат во Истражниот затвор во Шутка, а дел се во затворот во Идризово.

Основниот суд Скопје 1 на 2-ри ноември 2017 година изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од Диво Насеље, на 13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата.

Од вкупно 37 обвинети тогаш во судница пресудата ја слушнаа само четворица.

Другите обвинети одлучија да го бојкотираат судењето и да излезат од судницата.

Образложението на судијката Верка Петковска по изрекувањето на пресудата беше дека доказите што ги понуди обвинителството покажале дека обвинетите што се прогласени за виновни ги сториле кривичните дела тероризам и терористичка организација, дека доказите јасно ги утврдуваат приликите поради кои обвинетите дошле во Македонија, начинот на кој тие влегле во земјава, како се засолниле и како во групи се обиделе да се префрлат во Диво Насеље во Куманово, каде што на 9 и 10 мај 20015 извршија терористички напад, во кој загинаа осум полицајци.