Оставштината од Одри Хепберн продадена за 5,2 милиони долари


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Сценариото за филмот Breakfast at Tiffany’s, кое беше сопственост на синот од Одри Хепберн, во средата е продадено на аукциско наддавање во лондонската аукциска куќа Christie’s  за повеќе од 600.000 фунти, а разни лични предмети кои припаѓаа на славната холивудска дива и кои беа продавани на аукција досега достигнаа вкупна цена од 4,6 милиони фунти (5,2 милиони долари), објавија од споменатата укциска куќа.

После аукцијата во Christie’s, која заврши во средата во 10 часот, продажбата ќе продолжи преку интернет до 4 октомври.

„Сите предмети од мајка ми се наоѓаа во поткровјето од нашиот дом во Швајцарија. Мојата мајка не беше колекционер, но чуваше некои предмети од сентиментално значење, бидејќи ја потсетуваа на нејзе драги личности и случувања“, изјави за AFP пред почетокот на аукцијата Лука Доти, еден од двајцата синови на славната холивудска актерка која почина од рак во 1993 година, на 63-годишна возраст.

На продажба се понудени вкупно 500 предмети кои припаѓаа на легендарната Одри. Меѓу нив беше и куферот со кој во 1948 година Хепберн отпатува во Лондон, каде се обиде да направи актерска кариера, потоа неколку оригинални сценарија за филмови на кои има нејзини белешки. Меѓу нив се и сценаријата за филмовите Breakfast at Tiffany’s и Charade од 1963, во кои партнер на Одри беше Кери Грант.

Но, во центарот на вниманието за посетителите на наддавањето беше гардеробата од Одри, која и денес се смета за една од вонвременските икони на модниот стил. Актерката беше муза на модниот креатор Хуберт де Живанши, со кој беше и лична пријателка. На аукцијата се најдоа нејзините мали црни фустани, балеринки во разни бои, очила и друго.

Рекордна цена, кога е во прашање некое филмско сценарио, достигна она споменатото за Breakfast at Tiffany’s, чија вредност беше проценета помѓеу 60.000 и 90.000 фунти, а достигна цена од 632.750 фунти. Делови од сценариото кои ги изговараше главниот женски лик во филмот Холи Голајтли (Хепберн), актерката сама ги означила со тиркизно пенкало.

Сценариото за филмот My Fair Lady од 1964 година е продадено за 206.250 фунти, а бразлетната од Tiffany’s од крајот на ’80-те години, подарок од режисерот Стивен Спилберг на која е гравирано „Вие засекогаш сте моја инспирација“, достигна цена од 332.750 фунти, иако беше проценета помеѓу 3.000 и 5.000 евра.

Семејството од актерката зачува повеќе вредни предмети кои ги поседуваше Одри. Меѓу нив е и статуетката Оскар која во 1954 година Хепберн ја освои за улогата во филмот Roman Holliday („Празник во Рим“), во кој глумеше со актерот Грегори Пек.