Вебкафе

Оставете убав впечаток: Фини манири додека седите на маса со други луѓе

Познавањето на бонтонот е повеќе од пожелно при секој оброк, било да јадете дома или во ресторан, со свои луѓе или со други лица. Еве некои правила и фини манири на доброто однесување на маса со кои ќе оставите одличен впечаток во секое друштво.

Поставување на масата

Ножот и лажицата се поставуваат од десната страна на чинијата, а вилушката од левата. Дршките од приборот треба да бидат свртени кон работ од масата, а остриците кон чинијата. Малите лажички и вилувчиња за десер се поставуваат над чинијата така што нивната дршка да биде свртена кон десната рака. Доколку имата повеќе прибор околу чинијата, секогаш најпрвин користете го оној кој е најоддалечен од чинијата. Првиот пар е за предјадење или салата, вториот за главното јадење, а третиот за десерт.

Чашите се поставуваат десно од чиниите, по редослед според консумирањето на пијалоци, од десно кон лево. Прва во низата е чашата за бело вино и од неа се пие за време на предјадењето или со риба. Ако со предјадењето се пие пиво, тогаш најнапред се поставува пивската чаша. Втора се сервира чашата за црно вино, која е нешто поширока. Потоа се става чаша за слатко вино, кое се служи со десертот, а на крај чаша за вода.

Бонтон на маса

Кога ќе седнете на маса, земете ја салфетката од чинијата и ставете ја на скутот за да си ја заштитите облеката од валкање и дамки. Истата може да се користи и за бришење на рабовите од усните и рацете, а по завршувањето со јадењето салфетката ја ставате од левата страна на чинијата.

Кога сте на маса, исклучете го мобилниот телефон или ставете го на вибрации. Доколку морате да примите повик, извинете им се на гостите и разговорот завршете го во друга просторија.

Со јадење се почнува кога тоа ќе го направи домаќинката. Во текот на оброкот не разговарајте со другите гости на масата додека имате храна во устата. Ако сакате да дофатите нешто кое не ви е блиску, никако не посегнувајте по тоа преку чиниите од другите луѓе на масата, туку побарајте некој да ви го подаде тоа. Храната сечете ја со нож, со лесни потези, парче по парче. Лебот кршете го на парчиња, немојте да го гризете и да го кинете со заби.

Кога јадете супа или чорба, чинијата ставете ја на доволна оддалеченост за дел од течноста, ако веќе мора да се случи тоа, да заврши на масата, а не на вашата облека. Никогаш не ставајте ја цела лажица во устата и не шмркајте кога ја јадете супата. Кога ќе завршите, лажицата оставете ја во чинијата.

Послужување вино

Чашата со вино се држи со десната рака за дршката. Никогаш не турајте повеќе од половина чаша вино. Лицето кое послужува вино треба да води сметка за тоа виното да биде послужено на правилната температура. Белото вино треба да е ладно, а црното прилагодено во зависност од типот. Лесните црвени вина својот вкус најдобро го нудат до израз на температура од 14 степени, средно-тешките на околу 16 степени, а полните, тешки црни вина квалитетот на аромата го достигнуваат при температури од 18-20 степени.

Кога некој ќе ве праша нешто во моментот кога сакате да се напиете голтка вино, вратете ја чашата на масата и тогаш одоговорете му. Ако пиете вино за време на оброк, избришете ги усните со салфетка и оставете ги вилушката и ножот покрај чинијата. Ако не сакате да пиете вино, понудата одбијте ја со лесен потег на раката за одмавнување или повлечете ја чашата кон вас. Покривањето на чашата со рака не е учтив манир.

Правилно оставање на приборот за јадење

Кога ќе завршите со оброкот, приборот оставете го во правец на стрелките од часовникот кој покажува пет часот. На тој начин ќе им дадете до знаење на келнерите или домаќинот дека можат да го кренат вашиот прибор и чинијата.

Ако морате на кратко да станете од масата, со намера потоа да продолжите со оброкот, приборот за јадење ставете го во вкрстена положба на чинијата.

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top