Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонскиот премиер Зоран Заев, во интервјуто кое го даде за „Политико“, со остар тон упати критички пораки до Европската унија.
Заев порачува, но и ја предупредува ЕУ, дека ќе добие удар врз репутацијата на Балканот и ќе загуби повеќе простор пред ривалските сили Кина и Русија доколку не започне преговори со Македонија и Албанија, пренесува Слободен печат.
Според Заев, позицијата на ЕУ на Балканот дополнително би ослабнала, не само поради фрустрациите околу блокадата на разговорите за членство, туку и поради испораката на вакцини против ковид-19. Заев нагласува дека македонската влада платила политичка цена за довербата во солидарноста на ЕУ.
Во интервјуто направено во рамки на неговата минатонеделна посета на Атина, македонскиот премиер вели дека неуспехот да се започнат преговорите ќе влијае, не само на Македонија и Албанија, туку и на поширокиот регион на Западен Балкан. Ако ЕУ не ги исполнува своите ветувања во регионот, тоа исто така ќе биде и помал поттик за Косово и Србија да најдат решение во спонзорираните од ЕУ разговори и ќе направи да биде помалку веројатно Босна и Херцеговина да ги спроведе потребните реформи.
Заев ја отфрла идејата на еврокомесарот Оливер Вархељ за раздвојување на Албанија и Македонија за почеток на преговорите.
Проблемот со Бугарија тој го опишува како „несуштински” и изразува оптимизам дека може да се најде решение.
Доколку нема напредок, предупредува Заев, процесот на проширување ќе биде замрзнат најмалку уште една и пол година, поради изборите во Бугарија, Германија и Франција.
– Толку многу жртви и после тоа ЕУ да не испорача. Тоа е проблем. Покажавме повеќе европски вредности и манири од ЕУ, истакнува Заев.
Тој е оптимист дека ЕУ брзо може да ја поврати довербата, со брзо отворање на разговорите за членство. Наспроти него, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека е песимист и се сомнева дека Македонија ќе добие датум за преговори со Унијата.