Осминафинале во ЛШ: Јуве ќе дозаврши работа со Порто, неизвесен натпревар во Лестер


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Вечерва ќе добиеме уште двајца четвртфиналисти во Лигата на шампионите. Баерн Минхен, Реал Мадрид, Барселона и Борусија ги чекаат подобрите од Јувентус против Порто, односно Лестер против Севиља.

Јувентус славеше на првиот меч во Португалија со резултат од 2:0, па реваншот во Торино за Страта дама не би требало да претставува посебен проблем, туку рутинско завршување на работата со Порто.

„Знаеме дека нема да биде лесно. Во првиот меч рано останаа со десет играчи, па ни беше полесно да играме. Но, пред нашите навивачи сакаме да ја завршиме започнатата работа, а најважно е да не примиме гол на почетокот од средбата“, изјави напаѓачот на Јуве, Пауло Дибала.

„Во средбата влегуваме целосно мотивирани. Јувентус е голема екипа која долго време нема изгубено дома. Ќе се обидеме да ја прекинеме таа нивна успешна серија“, изјави тренерот на Порто, Еспирито Санто.

Веројатни состави

Јувентус: Буфон, Дани Алвеш, Барзаљи, Бонучи, Алекс Сандро, Пјаниќ, Кедира, Квадрадо, Дибала, Манџукиќ, Игуаин.

Порто: Касиљас, Макси Переира, Марчано, Фелипе, Лајун, Данило, Андре Андре, Оливер Торес, Браими, Андре Силва, Соарес.

Лестер – Севиља: Неизвесен реванш на Островот

За разлика од средбата во Торино, многу поинтересен и понеизвесен ќе биде дуелот помеѓу Лестер и Севиља, со оглед на тоа дека шпанската екипа славеше со 2:1 во првиот меч. Во Лестер се надеваат дека екипата ќе продолжи со добрата игра откако Клаудио Раниери на клупата беше заменет од Крег Шекспир.

„Постигнавме погодок на гости и тоа ни дава големи шанси на домашен терен. Имаме голема шанса за пласман во четвртфиналето, полни сме со самодоверба и се надеваме на победа. Вежбавме и пенали, со оглед на тоа дека средбата може ќе заврши со резултат 2:1“, изјави Шекспир.

Тренерот на Севиља, Сампаоли, вчера го прослави својот 57-ми роденден и се надева на убав подарок за истиот од своите играчи.

„Најдобар подарок за мене би бил пласман меѓу најдобрите осум во Лигата на шампионите. Ова е историска шанса за нас и многу ни е важно да се пласираме понатаму. Знаеме дека не очекува тежок натпревар, бидејќи Лестер се покажа против Ливерпул и Хал, докажа дека не за џабе ја освои Премиер лигата минатата сезона“, изјави Сампаоли.

Веројатни состави

Лестер: Шмајхел, Симпсон, Морган, Хат, Фукс, Махрез, Дринквотер, Ндиди, Албрајтон, Оказаки, Варди.

Севиља: Рико, Пареја, Рами, Меркадо, Маријано, Н’Зонзи, Насри, Ескуедро, Ибора, Јоветиќ, Витоло.