Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Вториот коалициски партнер во актуелната Влада предводена од СДСМ – албанската ДУИ дала согласност Алтернатива да добие три министерски места во новиот владин кабинет.
Според шефот на дипломатијата Бујар Османи, ДУИ била целосно информирана за разговорите на премиерот и лидер во оставка на СДСМ, Зоран Заев, со Африм Гаши за влезот на Алтернатива во Владата.
„Премиерот Заев разговорите со политичката партија Алтернатива ги водеше во име на коалицијата. Ние бевме целосно информирани и координирани за разговорите што ги водеше премиерот Заев со политичките партии“, рече Османи, по прес-конференцијата со заменик помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, одговарајќи на новинарско прашање дали ДУИ била запознаена за големиот број на функции кои ги добива Алтернатива.
Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, вчера во Клубот на пратениците ја потпишаa програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.
Алтернатива има четворица пратеници во Собранието, колку што до скоро имаше и Беса, која, пак, досега го раководеше само Министерството за земјоделство.
Со договорот Заев – Гаши, Алтернатива треба да назначи министер за здравство, министер за информатичко општество и администрација и министер без ресор задолжен за дијаспората. Партијата добива и три заменик-министерски места, едното во МОН, а другото во Министерството за култура, додека третиот ресор останува дополнително да се прецизира, иако било разговарано за заменик министер за земјоделство.
За Алтернатива да добие три министерски позиции, СДСМ отстапи од Министерството за здравство, а ДУИ од МИОА. Сепак, останува отворена министерската позиција во земјоделство, која, според неофицијални најави, би можела да и припадне на ДУИ, така што единствената отстапка би била откажувањето на СДСМ од здравство – позиција што оваа партија ја презема кон крајот на 2017 година.