Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Турската изборна комисија потврди дека на вчерашниот референдум граѓаните гласале за уставни промени кои му даваат пошироки овластувања на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Шефот на изборната комисија Сади Гувен изјави дека на референдумот победи опцијата за уставни промени. Претходно тоа го стори и Ердоган. Лидерот на најголемата опозициска Републиканска народна партија Кемал Киличдароглу изјави дека резултатите се доведени под прашалник по одлуката на Врховниот изборен одбор да ги признае како важачки гласачките ливчиња кои немаат службен печат на избирачкото место.
Врз основа на скоро 99 насто од пребројаните гласови, 51,34 проценти гласале за уставни промени, односно за воведување претседателски систем. Против биле 48,66 насто од гласачите.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не губи време. На уште недоброени гласачки ливчиња на денешниот референдум, тој изјави дека сега со премиерот и лидерот на една националистичка опозициска партија ќе го дискутира прашањето за враќање на смртната казна, вели Гардијан.
Во меѓувреме, жителите на неколку населби во Истанбул тропаат со тави и тенџериња од прозорците во знак на протест поради референдумскиот резултат.
„Луѓе тропаат со тави и тенџериња протестирајќи за резултатот наспроти луѓе што го извикуваат името на Ердоган. Две различни гледишта. Како тие ќе се обединат?“, напиша на Твитер новинарката на Би-би-си што известува од Истанбул.
Ердоган рече дека неофицијалните резултати од референдумот покажуваат дека околу 25 милиони луѓе гласале „да“ за уставните амандмани, победувајќи ја опцијата „не“ за 1,3 милиони гласа.
„Турција првпат во својата историја со парламентарната волја и народот се одлучи за таква важна промена. Првпат во историјата на Републиката, ние го менуваме нашиот владејачки систем преку граѓанска политика. Тоа е причината зошто ова е толку значајно“, рече тој.
Турците во странство одиграле голема улога во успехот на референдумот, кој ќе го отвори патот за една од најважните реформи во историјата на земјата, рече Ердоган.
Претседателот, исто така, ѝ се обрати и на меѓународната заедница, велејќи дека секој треба да ја почитува одлуката на турскиот народ, особено на оние земји што се нарекуваат себеси сојузници на Анкара.
Германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, изјави дека резултатот од референдумот за уставни измени во Турција ќе биде „тесен“.
Тој ги повика граѓаните на оваа земја да останат смирени, без оглед на исходот од гласањето.
Според него, „тоа е добро што изборната кампања, која беше водена жестоко, и тука во Германија, сега е завршена“.