Општините Дебар и Центар Жупа во целосен карантин веќе втор ден


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Жителите во општините Дебар и Центар Жупа денес веќе второденоноќие се во целосен карантин откако во овие места беше прогласена кризна состојба поради појавата на корона вирусот. Жителите таму строго ги почитуваат препораките од надлежните и движењето по улиците речиси е минимално.

Поставените контроли пунктови на излезот кон Маврово и кон Струга, односно кај месноста Бошков Мост и кај Хидроелектраната „Шпилје“, потоа на Мелнички Мост на влезот кон Центар Жупа и кај ХЕ „Глобочица“ на излезот од оваа општина кон Струга функционират без проблеми.

Строго се контролира влезот – излезот само на возила, чиј проток се дозволува врз основа на препораките.

Екипи на Дирекција за заштита и спасување со соодветна опрема вршат дезинфекција на сите возила на влез и излез во двете општини.

-Дезинфекцијата продолжува и на јавните површини низ градот, како и зоните во градот кои се сметаат за жаришта на болеста. Поради дождот оваа активност синоќа ја прекинавме некаде околу 22:00 часот. Во моментот имаме минимална количина на средства за дезинфекција, кои ги набави општината од сопствени средства. Но, има најави дека ќе добиеме од државните институции, вели Омер Цами член на Оператвниот штаб.

Цами кој е раководител на Секторот за комунална хигена во Јавното комунално претпријатие „Стандард“ додава дека продолжуваат со миење на улиците во градот со вода, како и дезинфекција на контејнерите, кантите и корпите за отпад.

Директорот на Општата болница во Дебар, Баки Халили изјави за МИА дека во болницата има посебна соба за изолација, а до граѓаните упати апел за информации околу симптомите на коронавирусот да се обратат на бројот 194.

Во меѓувреме, како што изјави министерот за здравство Венко Филипче, тестотвите вчера покажале негативни резултати за дебарскиот епидемиолог и техничарот од работната единица на Центарот за јавно здравје и тие веќе се на должност.

Вчера се потврдени нови пет случаи на заразени од Дебар, а во домашна изолација во двете оштини се над 40 лица.

Од безбедносен аспект, како што изјави за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид, состојбата во Дебар и Центар Жупа и во изминатово деноноќие е стабилна.

-На терен, течат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, се дозволува влез само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини, вели Димоски.

Додава дека нема проблеми во однос на дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.

Во градот сè уште „заглавени“ се граѓани пред се од подрачјето на Река и Гостивар. Дел од нив се сместени кај роднини и пријатели, а за дел е обезбедено хотелско сместување. Се додека не ја минат вообичаената процедура тие остануваат тука.

Извор: МИА