Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Седумте опозициски пратеници кои се дел од собраниската Комисија за уставни прашања денеска гласаа против единствената точка од дневниот ред – Иницијатива за измени во Уставот. Десет пратеници од владеачкото мнозинство гласаа „за“.
Сите седум пратеници на опозиционата коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против точката за уставните измени: Никола Мицевски, Александар Николоски, Владо Мисајловски, Гордана Силјаноска Давкова, Антонио Милошоски, Дафина Стојаноска и Иван Стоиљковиќ.
Предлагач на уставните измени е Владата, а предлогот го образложува премиерот Димитар Ковачевски.
Тој истакна дека предлогот е целосно и во насока на нашата консензуална цел – членство во ЕУ, поставена уште во 1991 година која денеска е мнозинска волја на граѓаните и шанса на идните млади поколенија и гарантира европска иднина. Уставните измени не го загрозуваат ниту едно идентитетско прашање, затоа граѓаните нема за што да бидат загрижени, порача Ковачевски.
На адхок координацијата пред почетокот на Комисијата, како што соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, договорено е после експозето на премиерот да зборуваат претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, на АА Елми Азири, на Левица Димитар Апасиев, на СДСМ Мартин Костовски, на Беса Фадил Зендели, на Алтернатива Африм Гаши и на крај на ДУИ Арта Биљали Зендели.
Владата минатиот вторник до Собранието го достави предлогот за уставни измени. Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
Претседател на Комисијата за уставни прашања по функција е претседателот на Собранието Талат Џафери, негов заменик е Арта Биљали-Зендели, членови на Комисијата се Даниела Стојановска Пановска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски, Емилија Рамбабова, Илија Николовски, Даниела Маркоска, Марија Ангелова, Антонијо Милошоски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска, Гордана Сиљановска Давкова, Дафина Стојаноска, Иван Стоилковиќ, Фиснике Бектеши Шаќири, Ремзи Мехмеди, Ане Лашкоска, а шеснаесет други пратеници се заменици – членови на Комисијата.
На седницата присуствуваат и министерот за правда Кренар Лога, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и претставници на дипломатскиот кор и на мисии во Скопје.