Опозициската ВМРО-ДПМНЕ започна со собирање потписи за референдум за договорот со Бугарија


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Опозициската ВМРО – ДПМНЕ ги собра потребните 100 потписи за да ја отпочне процедурата за задолжителен референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали се за зачувување или за раскинување на Договорот за пријателство со Бугарија.

Потписите утре ќе бидат депонирани во Државната изборна комисија (ДИК), а во петок иницијативата ќе се достави до Собранието. Спикерот Талат Џафери е должен да ја достави до собраниските комисии и тогаш почнува трката на ВМРО – ДПМНЕ по собирање на 150 илјади потписи неопходни за одржување на референдумот која треба да заврши во рок од 90 дена, пренесува Гласот на Америка.

Лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ се надева дека нема да наиде на опструкции од власта, повика на семакедонско обединување и најави позитивна кампања под слоганот „Излези за Европа-не за асимилација“.

„Се надевам оти власта нема да води антикампања и независно од тоа дали ќе биде постигнат цензусот бројката на излезени граѓани кои ќе се изјаснат против Договорот ќе биде најдобар показател за делегитимирање на власта и порака за предвремени избори“, рече Мицкоски.

Опозицијата вчера соопшти како би гласело референдумското прашање – „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“.

Нејасно за јавноста и зошто токму со „Напуштање“ а не со „раскинување или поништување“, но од ВМРО – ДПМНЕ велат дека е срочено токму така за да не му се даде алиби на собранискиот спикер да го опструира во собраниската процедура и затоа што сметаат дека овој Договор е изворот на сите проблеми. Мицкоски тврди дека со неговото раскинување преговарачката рамка не станува беспредметна, туку само од неа се вади членот 5 алинеја 4.

Она што е клучно е што Мицкоски не даде прецизен одговор дали неговите пратеници ќе гласаат за уставните измени ако се поништи Договорот со Бугарија, а откако се произнесе дека нема ништо против Бугарите да влезат во уставот.

Од друга страна пак, државниот врв, против најавениот референдум. Сметаат дека е штетен и антиевропски.

Премиерот Ковачевски е на ставот дека Референдумот е само за лични цели, а попречувањето евроинтеграцискиот процес е на штета на државата. Ја обвини опозицијата за неконзистентност посочувајќи го примерот со референдумот против територијалната поделба која потоа не ја укинаа во периодот од 11 години додека ја водеа државата.

„Ние сме држава којашто отпочна преговори со ЕУ со чист македонски јазик, со заштитен идентитет и тоа е направено врз основа на предлог којшто го добивме од ЕУ. Предлог којшто беше изгласан во Собранието и против кој предлог немаше ниту еден глас против. Сè што се прави заради лични партиски цели е нешто што е против членството на државата во ЕУ. Јас сметам дека и во опозицијата има европски блок на политичари којшто го поддржуваат нашето членство во ЕУ и дека тоа ќе се потврди кога уставните измени заради внесување на делови од други народи во нашиот Устав ќе биде ставено, нормално после консултации, после спроведување на целата таа процедура којашто ги следи уставните измени кога ќе биде ставена на усвојување во Парламентот. И уште нешто сакам да додадам, а тоа е дека истата таа опозиција беше против Преспанскиот договор заради тоа што ќе сме го изгубеле идентитетот. Ниту изгубивме идентитет, ниту го спомнуваат Преспанскиот договор“, рече Ковачевски.

За претседателот Пендаровски нема логика во евентуалната можност да се даде поддршка за референдумот во замена за гласовите на пратениците од опозицијата за уставните измени бидејќи „едното го исклучува другото“.

„Значи, вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето“, рече Пендаровски кој додаде дека е интересно зошто во референдумското прашање е изоставен Договорот од Преспа.

Според законските прописи за референдумот да биде успешен треба да излезат и да гласаат околу 910.000 граѓани, а за да биде успешен 50 отсто плус еден глас треба да гласаат „За“. Одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна за спроведување, а Собранието е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да ја спроведе одлуката од референдумот односно да го поништи договорот со Бугарија.