Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Од канцеларијата за човекови права на Обединетите Нации соопштуваат дека нивните истражители на терен откриле повеќе докази за воени злосторства во Украина, опишувајќи ја војната како хорор приказна за кршење на правата на цивилите.
„Набљудувачката мисија на ОН во Украина го документира незаконското убиство на 50 луѓе во градот Буча, вклучувајќи и егзекуции“, се вели во соопштението.
Комесарката на ОН за човекови права Мишел Бачелет рече дека речиси секој жител на Буча има приказна за смртта на роднина или сосед.
„Знаеме дека треба да се направи многу повеќе за да се открие што се случило таму, а знаеме и дека Буча не е изолиран инцидент“, додаде таа.
Мисијата примила дојави за повеќе од 300 убиства на цивили во регионите Киев, Чернихив, Харков и Суми, сите области кои претходно биле окупирани од руските вооружени сили, се вели во извештајот.
Наводите за сексуално насилство од страна на припадниците на руските вооружени сили врз жени, мажи, девојчиња и момчиња во Украина се почесто се појавуваат, се вели во извештајот.
На редовниот брифинг на Високиот комесаријат на ОН за човекови права во Женева портпаролката Равина Шамдасани не исклучи дека украинската страна, исто така, го прекршила хуманитарното право во некои случаи, но рече оти многу повеќе прекршоци се припишуваат на руските сили, па и убиства и егзекуции.