Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја честува 116-годишнината од Илинденското востание кога на 2 август 1903 година, Македонците се кренаа против Отоманската империја за да ја вратат својата слобода, основајќи ја првата демократска република на Балканот во Крушево. 10 дена и ноќи, Македонците живееја слободно во земјата за која го ризикуваа својот живот. Нивната краткотрајна Крушевска Република беше уништена по огромната офанзива на османлиските војски, што резултираше со 200 села опожарени, како и 6.000 воени и 5.000 цивилни жртви.
Од суштинско значење за Македонците е да го чуваат споменот за Илинден и да се осигураат дека славните илинденци, Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, ќе останат составен дел на македонската химна.
На овој ден ја славиме и 75-годишнината од Антифашистичкото собрание за народно ослободување на Македонија, АСНОМ, кое делуваше како извршно и законодавно претставничко тело на Македонија и Македонците од 2 август 1944 година до крајот на Втората светска војна. АСНОМ ги постави темелите на автономна Македонија, држава која ќе е дом на македонската култура, јазик и наследство.
Илинден ги потсетува Македонците на битката за независност и жртвите што ги направи нашиот народ за таа да се постигне. Но, цената на слободата не е евтина, а нејзиното зачувување не е загарантирано. Македонците мора да превземат поголема улога во јавниот живот, не само во Македонија, туку и низ целиот свет каде што има македонски заедници. Ние како ОМД ги охрабруваме и поддржуваме младите Македонци кои сакаат да се вклучат во политиката и да ги острават своите соништа. Идеалите на демократијата и слободата мора да бидат поткрепени за доброто и благодетта на идните генерации. Слободата настанува со пожртвуваност на поединецот и на заедницата, и таа мора постојано да се чува и надградува.
Кога македонската влада ги игнорираше резултатите од референдумот на 30.09.2018 година и без почитување на македонскиот устав го смени името на Македонија, таа сериозно и наштети на македонската кауза и ги загрози нашите слободи. Не можеме да седиме мирно додека се нарушуваат нашите основни човекови права. Ако седиме со скрстени раце, нема да ја почитуваме жртвата на борците во Илинденското востание. Ги повикуваме Македонците насекаде да се вклучат во нашите напори, да работат посветено за обединување на нашиот народ, да го кренат својот глас и да им помагаат на другите. Заедно сме посилни. Обединети, можеме!