Омаж за писателот Ташко Георгиевски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Ташко Георгиевски (Кронцелево, Егејска Македонија 1935–2012, Скопје) создаде прозни дела со потресна содржина, во кои ја отслика судбината на македонските откорнатици од своите прадедовски огништа. Темата за црното семе и за прогонувањето на илјадниците Македонци од своите родни огништа беше негова опсесија во целиот богат творечки опус. Силата на неговото раскажување е заснована врз автентични личности, врз трагични судбини и судбоносни настани. Таа извира од злата судбина на традиционалните вредности и убавини на китните села и градови на Егејска Македонија.

Ташко Георгиевски беше предводник на групата значајни македонски писатели: Петар Ширилов, Паскал Гилевски, Иван Чаповски, Ката Мисиркова-Руменова, Петре Бицевски, Ристо Јачев, Ташко Саров, Методија Тошевски, Коле Мангов, Стојан Кочов и Петре Наковски, кои континуирано и егзалтирано пишуваат за грозоморниот терор врз невиното и незаштитено македонско население. Како писател од голем формат, тој создаде нов литературен топоним, градејќи во низа приказни за животот на прогонетите Македонци по поразот на демократските сили за време на Граѓанската војна во Грција. Преку моќен реалистички исказ, со длабок и искрен документарен опис во своите раскази и романи, изнаоѓаше едноставни литературни решенија, во кои се разграничуваат доброто и злото, праведното и неправедното, убавото и грдото човеково лице. Неговите херои потекнуваат од народните низини и страдаат поради самата помисла дека се Македонци. Всушност, нив ги следи мракобесната сенка на злото од самото раѓање, па сѐ до смртта. Многумина од нив се помируваат со судбината и очајнички потклекнуваат пред теророт. Тие се приклонуваат кон толпата, онаа толпа која по силата на законите го менува својот облик и идентитет. Но, кај повеќето херои чинот на опстојувањето е секогаш во одбрана на личното достоинство, а преку тоа достоинство се отсликува и националната гордост. А, таа национална гордост е секако уверливо олицетворена во Доне Совичанов, маркантна личност во „Црно семе“, литературно пресликана во неговата физичка и духовна големина.

Говорејќи за поврзаноста на своите херои, никнати од пазувите на достоинствениот македонски народ, во еден свој исказ Ташко Георгиевски ќе констатира: ако не беа Аџигого и Јана, Мајката Дора и Пелагија, ако Борис Тушев не се вратеше од далечната Азија, сигурно немаше да се роди ни Доне Совичанов. Така, создавајќи хроника за времето и просторот, во циклусот романи за црното семе, авторот остана доследен на тематската определба, изворно пишувајќи со чувство на болка и тага за неповторливата судбина во светски рамки на Македонецот од другата страна на границата. Од тој чин на реални настани во преплетот на човечки судбини, од црното семе ќе изникнат црни билки, синоними на несреќа, на погибија, на траума, на тага, на умирачка.

Во делото на Ташко Георгиевски ние препознаваме реална слика на македонската колективна трагична судбина. Пораката на неговото кажување е уверлива, зашто таа исклучиво се потпира на автентични и горостасни личности. Во своите прозни дела тој секогаш поаѓа од познати места, предели, судбини, со еден збор документарноста беше негова приоритетна писателска задача.

Во циклусот романи посветен на црното семе тлее темното пламенче на црната билка, а хероите на Ташко Георгиевски претставуваат инкарнација на едно време незаборавно, време натопено со национална трагедија. Тие се магичен блесок, бујна река сред плодно и неорано поле. Ние (Македонците), сите на свој начин, се идентификуваме со ликовите од „Црно семе“, „Време на молчење“, „Змиски ветер“, „Рамна земја“, „Исчезнување“, „Црна билка“, „Црвениот коњ“… Зашто, преку нивните животни судбини ја доживуваме судбината на нашата распарчена Татковина. Ташко Георгиевски, преку својот реалистички потход оствари книжевни резултати кои ја имаат силата на прилежното кажување и поимање на животот, на човечките судбини, на траумите низ каменестите и песокливи острови, преку границата, во рамната земја, крај црната билка.

Циклусот романи за црното семе и егејската трагедија не завршува во онаа Македонија што е зад Кајмакчалан, на Грамос и Вичо, туку продолжува во рамната земја, во Војводина. Таа грозоморна трагедија се обликува во колективните центри, низ љубовните заплети, во семејните неверства и прелаги, во црната билка олицетворена во Пелагија, во нејзината трагична смрт во градината на Осоговскиот манастир, во неразумниот бес на младиот Дончо. Во тој наплив од човечки судбини, сѐ е подредено на црното семе посеано и изникнато на нашата распарчена македонска земја.

Прозата на Ташко Георгиевски е постојан предизвик за современиците, за истражувачите и толкувачите на македонската литература. За богатството на неговиот литературен опус пишувале речиси сите значајни македонски литературни критичари и теоретичари на литературата, а одбранети се и магистерски и докторски дисертации. Романот „Црно семе“ е преведен на руски, српски, словенечки, германски, унгарски, романски, француски, англиски и на бугарски јазик, а според сценариото на ова култно дело, во режија на Кирил Ценевски, е снимен еден од најдобрите играни филмови во Македонија. За своите книжевни дела Ташко Георгиевски беше добитник на најзначајните литературни награди кај нас, но за него најголема награда беа бројните следбеници, приврзаници и читатели. Неговите книги се слова за животот, пресликана реалност на бројни настани и човечки судбини.

Ташко Георгиевски беше ретко достоинствена личност. Едноставен, скромен и исклучително верен на своите принципи во животот и во литературата. Тој беше заробеник на своите убедувања. Од неговото протерување во 1948 година, заедно со 28.000-те илјади македонски деца, сѐ до неговата смрт во 2012 година, шеесет и четири години живееше само со спомените од раното детство поминато во живописното родно село, кое е надвиснато како небесен чардак над прекрасниот Воден.

По физичкото заминување од земниот свет, ние можеме да го споредиме со неговиот херој од антологискиот роман „Црно семе“. Како и главниот лик во романот, Доне Совичанов, и Ташко Георгиевски никогаш не потклекна и не побара пусулче од Канцеларијата на нашиот јужен сосед во Скопје за да ја премине границата и да го посети своето родно село во Егејска Македонија. Си замина од земниот свет со чемер во душата во месецот кога цветаат црешите во Кронцелево.

Раде Силјан

Извор: Мкд.мк