ОЈО повторно го притвори Чавков – планирал да бега пред пресудата за „27 април“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Бившиот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, обвинет за учество во организирањето на упадот во Собранието и другите крвави настани од „27 април“, повторно заврши во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, пренесува „Макфакс“.

Судот на Чавков му одреди притвор поради тоа што до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција стигнале оперативни податоци од полицијата дека планира да бега.

Информацијата ја потврдија од обвинителството: „Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе предлог за определување мерка притвор према М.Ч. согласно со чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривична постапка. Имено, по добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка притвор. Обвинетиот е дел од предметот што се води за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата“.

В петок, на 15 март, на Чавков заедно со уште 16 лица треба да им биде соопштена пресудата за крвавиот четврток. Доколку Чавков биде осуден, му се заканува минимална казна затвор од 10 години.

Чавков веќе беше притворен, но излезе од притвор со гаранција за собраниските насилства.