ОЈО не обвини никој за бегството на Груевски – СЈО знаело дека тој ги празни сметките


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Никола Груевски немал помошници во државните служби преку кои би му било овозможено непречено бегање од државата преку Албанија и Србија, во Унгарија.

Обвинителството за организиран криминал по три месеци од бегството на осудениот Никола Груевски преку соопштение денеска објасни што сработиле досега во поглед на откривање како екс-премиерот, наместо во затвор, заврши во Унгарија.

Предистрагата покажала дека има пропусти кај институциите, но обвинителството не може конкретно да посочи кривична одговорност. Обезбедени биле снимки од безбедносните камери од булеварите во Скопје, снимки од неколку хотели од аеродромот Скопје, како и од патните правци кон Дебар и Шпиље.

Видео материјалот е предаден на полицијата. Биле сослушани 56 лица. 28 од нив се вработени на граничните премини. Исказ дале и шесте негови телохранители, пет полицајци и 17 други луѓе.

Проверката на Интегрираниот граничен систем покажал дека Груевски не е евидентиран во системот дека легално ја напуштил Македонија. Иста потврда стигнала и од Интерпол.

Обвинителството утврдило дека во септември лани Груевски во ист ден ги испразнил и сите свои банкарски сметки. Подигнал 120 илјади евра. Банките алармирале. Ја известиле Управата за финансиско разузнавање, како и СЈО. Но, специјалната обвинителка Катица Јанева во интервју за 1тв претходно ја убедуваше јавноста дека не знаеле оти Груевски си ги земал парите.

„Ние, децидно тврдам дека не бевме запознаени со тоа дека ги празни сметките, но најважно што е? Ние бараме да се вратат многу пари во буџетот на Македонија, како и по меѓународна правна помош, така и во истрагите и пред истрагите на СЈО“, велеше Јанева.

Никола Груевски викендов преку прво телевизиско појавување не кажа како избегал од Македонија. И порача на владата на Зоран Заев самата да открие детали како ја напуштил Македонија.

Извор: Алсат-М